Застрашувачки пораст на бројот нови позитивни случаи со Ковид и починати. Вирусот не бира, битката ја губат и млади луѓе. Болниците се преполни. Ситуацијата станува алармантна. Се бара место повеќе. Еден пациент излегува, друг влегува на негово место.
Благојче Ивановски од Битола го затекнавме на излегување од Инфективната клиника во Скопје Среќен е што си оди и што успеал да ја победи болеста по цел месец болничко лекување. Но, вели дека многумина не ја добиле битката, а траумите од се што видел таму ќе останат засекогаш.
„Шест дена бев во болница во Битола и 25 денови тука на Инфективна клиника. Поминав многу тешко, на кислородна поддршка, се гушев, како риба на суво. Сега излегувам, а на мое место доаѓа друг, сега го носат. Горе е ужасно, павциентот до мене почина, болните викаат сестро, сестро, а персоналот јака им душа, многу се малку“, раскажува Благојче Ивановски за „25Минути“.
Инфективната клиника е комплетно исполнета. Новиот октомвриски бран со коронавирус ја искачи нашата земја високо на листата по бројот на заболени и починати во Европа. Ќе го издржи ли македонското здравство новиот удар со коронавирусот.
Но, она што најмногу загрижува е високата стапка на смртност од Ковид-19.
За да се растеретат капацитетите на Инфективна клиника и ГОБ„ 8 Септември“ каде се најтешко болните, пациенти се лекуваат во болниците во другите градови кои кубурат со лекари, со инфектолози и медицински сестри. Запоставувани со години, просторно, со кадар и опрема овие болници сега го одат најтешкиот пат-ја бијат битката со непознатиот вирус.
„На раб на сили сме. Имаме 55 кревети на инфективното одделение и само двајца инфектолози. Се е пополнето со пациенти. Помага персоналот од цела болница. 40 проценти од пациентите се на кислородна поддршка, шестте респиратори не сме ги употребиле досега. Имаме план Б ако продолжи да се зголемува бројот“, вели Ален Георгијев, директор на болницата во Штип.
Наќе Гогов, директор на болницата во Струмица вели:
„Имаме потреба од медицински кадар, оптоварени сме. Имаме само тројца инфектолози од кои еден е позитивен и е во изолација. 27 специјализанти им помагаат на инфектолозите. Еден инфектолог доаѓа од Инфективна клиника, еден лекар од Пулмологија, но не е доволно, на крај на сили сме. Ни требаат и лекари и медицински сестри“, вели Гогов.
Доктор Нико Беќаровски, интернист и клинички токсиколог смета дека проблемот со големата смртност е двостран, прво затоа што има луѓе кои не веруваат во вирусот и доаѓаат кога е веќе предоцна, а потоа и заради третманот, односно лекувањето кај матичните лекари, по телефон. Тој предлага решенија и дава насоки како да се одвива лекувањето на заболените кои се лекуваат дома.
За состојбата со коронавирусот, предлозите на лекарите и статегијата на надлежните во здравството, повеќе од сторијата на Менче А. Точи.