25 минути

Граѓаните очекуваат детали за вакцините против Ковид-надлежните „спијат“

Вакцината против Ковид-19 започнува со масовна примена веднаш по одоберението од  Европската Агенција за лекови на 21 декември. Со тоа трите односно четирите видови на вакцини од различни производители кои први завршија со третата фаза на испитувања,од околу 50 тина фармацeвтски компании кои беа во трката,  ја започнуваат борбата против пандемијата со коронавирус и создавање на колективен имунитет.

Кај нас вакцината се очекува да стигне во февруари или март, што за лекарите и експертите од оваа област е добра предност за да се видат ефектите.

Проф.др. Александар Петличковски имунолог, смета дека подобро решение од вакцината не може да има, но вели треба да сме внимателни оптимисти.

Доктор Нико Беќаровски вели дека вакцината овозможила комотно да живееме во изминатите 100 години и навиканти на стандардните, изненадува брзото создавање на оваа вакцината.

За масовна употреба се пуштаат вакцините на Фајзер и Модерна кои се засноваат на нова технологија, Оксфордската вакцина на компанијата Астра Зенека, Кинеската и Руската на Спутник кои се т.н векторски вакцини.

Од непознаница до финален производ, вакцината создава дилеми и кај голем дел од популацијата, пред се заради краткото време на нејзиното создавање и безбедноста.

Од здружението на граѓани „Од нас за нас“ познати во јавноста како антиваксери се противат на ставовите на стручњаците и сметаат дека вакцината не e испитана и не е безбедна.

Граѓаните препуштени на медиумите и главно на социјалните мрежи. Тука се и многу студии од шаренило на авторитети, теории на заговор, лажни вести. Мислењата на граѓаните кои ги анкетиравме се поделени и се во очекување на одговори од надлежните во здравството.

Анкетата на Советодавната група за јавна политика „Балкан во Европа” (БИПАГ), спроведена во октомври годинава покажува дека  над 40% од граѓаните одговориле дека „со сигурност“ нема да се вакцинираат, над 10% рекле дека „веројатно нема“ да се вакцинираат.

„Тоа веројатно ќе им остави доволно вакцини на малцинството граѓани кои „со сигурност“ ќе се вакцинираат- околу 15%, и оние кои „веројатно“ ќе се вакцинираат- околу 20%. Останатите 10% од анкетираните се уште не одлучиле што ќе прават“, велат во БИПАГ.

Министерството за здравство најави камања за вакцинација против Ковид, а министерот Филипче кој повеќе пати повикува на вакцинација, изјави дека ќе бидат преземени мерки за оние кои шират лажни вести за вакцините.

Сепак, Комитетот за имунизација ниту еднаш не излезе јавно да им објасни на граѓаните за значењето, но и повеќе детали за вакцините со кои се планира да се вакцинираат 60 до 70 проценти од граѓаните.