КАРАТИСТИТЕ НА МАКПЕТРОЛ УСПЕШНО ГИ ЗАВРШИЈА ПРВИОТ ДЕЛ ОД ПОДГОТОВКИТЕ ВО ПОДГОРИЦА ЗА НАСТАП НА СВЕТСКАТА ЛИГА ВО ИСТАНБУЛ
По 5 дневните заеднички подготовки кои успешно беа реализирани во Подгорица, Црна Гора, каратистите од нашиот најдобар карате клуб „Макпетрол“ денеска се вратија во Скопје.
Бошко Заборски, стратегот на К.К. Макпетрол, истакна дека овој камп е од многу значајна улога за подигнување на моралот и спортската форма кај спортистите.
„Треба да се земе во предвид дека ние скоро една година немаме никакви настапи и заеднички тренинзи со клубови и репрезентации. Затоа ова е вистинско освежување. Во Подгорица беа присутни спортисти од Балканскиот регион меѓу кои Бугарија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово Црна Гора и Македонија. Кампот преставуваше добар тест и воедно подготовка пред нашите предвидени активности, како учеството на Интернационалниот турнир „Тузла опен“ што ќе се одржи следниов викенд, а потоа од 12 до 14 Март, прв настап организиран од страна на Светската карате федерација – турнир од светската 1 премиер карате лига во Истанбул, каде што ќе се сретнеме со светската карате елита. Тоа ќе биде одлична можност за подобрување на рејтингот и освојување нови бодови за настап на олимписките игри во Токио“ – потенцираше Д-р сц Бошко Заборски.
Репрезентативецот Петар Заборски на овие подготовки имаше дупла улога, тој беше тренер и учесник на подготовките.
„За нас како спортски колектив и за мене лично многу значи што бев повикан да бидам дел од кампот. На подготовките имав прилика да ја испробам својата моментална форма со едни од најдобрите светски натпреварувачи. Одработивме одлични спаринзи, тоа беше дел од спецификата којаповеќе ни фалеше во овој дел на периодизацијата. Работевме по шест часовина ден и во многу делови ги подобривме борбените техники. Сакам да истакнам дека голема чест е да се соработува со тренерот Жарко Раковиќ, со кого ние како клуб имаме голема соработка, која успешно ја негуваме повеќе од една деценија. Ова е само почеток за остварување на нашата цел, затоа договорени се учества и соработка и во блиска иднина. Следниот камп ќе биде најверојатно во Скопје“. – додадоа од К.К. „Макпетрол.