Државите во голема мера го регулираат и контролираат производството и продажбата на алкохол. Регулацијата на производството е тесно поврзано со квалитетот и заштитата на здравјето на луѓето, а ограничувањето на достапноста кон прекумерната употреба и зависноста.
За контрола на продажбата на алкохол, државите имаат повеќе механизми за регулација, како што се квоти за бројот на продавници по територија и број на жители, ограничување на дозволеното време за продажба или поставување дозволен максимум на алкохол што смее да се продава по лице.
Одредени држави, одат и чекор понатаму, со забрана или строго регулирање на консумирање на јавни површини и рекламирање на алкохол.
Ограничувањето на продажбата на алкохол е тесно врзана со заштитата на нелојалната конкуренција и претставува многу комплексен систем на закони и прописи. Треба да се знае дека не постои универзално решение и во голем дел зависи од држава до држава, но најмногу од нејзиниот институционален капацитет.
Постојат различни решенија кои одат од една до друга крајност. Така, некои држави, како Германија, на пример, дозволуваат продажба на алкохол во сите продавници и маркети, но затоа се држат до традицијата недела да е неработен ден, па за тие што се нашле во недела во некој од германските градови знаат дека единствено се отворени продавниците во склоп на бензинските и автобуските и железничките станици, но затоа, пак, цените се поскапи и неконкурентни.
Други држави, меѓу кои и нашата, се одлучуваат за поинаков пристап, каде продажбата на алкохол и цигари е врзана со специјална лиценца и често ограничена со временска рамка во која може да се продава. Додека цигарите слободно се продаваат, продажбата на алкохол е забранета за продавниците/маркетите отворени во рамките на бензинските станици.
Некои држави, кои се полиберални и посигурни во останатите системи на контрола, употреба и користење на алкохол, како соседна Србија или Хрватска, дозволуваат слободна продажба во рамките на продавниците, кои се регистрирани како маркети во рамките на бензинските станици.
Слободната пазарна конкуренција во Германија, Австрија или Шпанија, значи дека тоа што се продава во големите синџири на маркети, слободно може да се продава и во продавниците отворени во склоп на бензинските станици, додека заштитата на нелојалната конкуренција е оставена на невидливата рака на пазарот и повисоката цена во која почесто е пресметан и ноќниот труд на продавачите.
Од 2016 година во делови од Баварија во Германија пиво после 22 часот на бензинска станица може да купат само тие што се со возило и тоа до 1 литар пиво или вино и 750 мл жесток алкохол, додека не е дозволена продажба на лица кои се пеш или со велосипед. Логиката за ова е следна, дека тој што вози нема да пие во моментот или на јавен простор, бидејќи законски дозволено ниво на алкохол во крвта за управување на возило е 0,05 промили, а казните се високи и достигнуваат и до 3 000 евра.
Државите од Европската Унија во голем дел посветуваат внимание на минимизирање или спречување на последиците поврзани со консумирање на алкохол преку носење на закони кои ги зголемуваат даноците и акцизите на пијалаците или построга контрола на возењето под дејство на алкохол. Во многу држави ваквите ограничувања се врзани со годините, па така иако дозволениот максимум на алкохол во крвта изнесува 0,05 промили, за млади возачи до 20 години има нулта толеранција.
Европската Унија ги поставува минималните тарифи на акцизата, а потоа секоја земја членка одделно може да одлучи дали ќе ги примени истите или ќе се одлучи за повисоки. Моментално минималната акциза е 0,748 евра за еден хектолитар пиво, 45 евра за еден хектолитар средно жесток алкохол и 550 евра за еден хектолитар чист алкохол, додека виното е изземено. Дополнително на ова постои и минимална утврдена цена под која одреден алкохол не може да се продава, во зависност од јачината.