Тунелите се неизбежен дел од модерните автопати и се користат за скратување на патот со пресек на поголеми планински масиви. Освен што се практични и го заменуваат возењето по криви и стрмни делници со релаксирано праволиниско движење, сепак, од возачите бараат сериозен пристап.
Прво, некои постари тунели имаат потесни ленти и затоа треба да се избегнува претекнување и не треба да се забрзува или нагло да се забавува – односно треба да се држи постојана умерена брзина за полесно одржување на меѓусебно безбедно растојание на сите возила.
Сите возачи знаат дека мора да ги почитуваат ограничувањата на брзината во тунел, да одржуваат безбедно растојание од најмалку две-три секунди од возилото пред нив, дека не смеат да запираат или паркираат во тунел, освен во случај на сериозен дефект и тоа само на обележено место за тоа.
Возењето во тунел во зима или лето има различни, но подеднакви предизвици.
Главен предизвик при возење во тунел во летните месеци, е кога се влегува од силна дневна светлина во делумно осветлен пат, очите имаат потреба од неколку секунди да се приспособат на промената. Неколку секунди при брзина од 80 километри на час, често значат и стотина метри возење „на памет“. Секој возач сигурно знае дека очилата за сонце дополнително го намалуваат гледањето во тунел. Професионалните возачи, за полесно приспособување често го затвораат едното око неколку секунди пред да влезат во тунел.
На пролет или есен, не така често, но може да влезете во тунел со сончев и светол ден и да излезете како во друг свет – со силен дожд и облачно време.
Во зима предизвикот е друг, бидејќи никогаш не знаеме дали на другиот крај има магла или снег. Дополнително постои опасност од истекување на атмосферската мрежа и во некои случаи и голомразица.
Со почит,
„Макпетрол“ АД Скопје