Како последица на корона кризата многу компании и корпорации направија преструктуирања и промени во своето деловно работење, со цел да одговорат на предизвикот на одржливост во услови на глобална криза. Од истите причини, Ерсте Кард Клуб од Хрватска се одлучија да направат промени во политиката на работењето согласно кои Динерс Клуб Македонија, но и неколку други делови од мрежата на Ерсте ги понудија како можни аквизиции.“- вели во интервју за Фактор, Божидар Јанковски Управител на Динерс Клуб Македонија,кој во декември минатата година, со аквизирање на целосниот удел, стана сопственик на компанијата која продолжува да работи под франшизата на Diners Club International Ltd.
Тој истакнува дека досега ова е неговото најголемо признание на деловен план и потврда дека тој и тимот две децении успешно ја воделе компанијата, согласно највисоките светски стандарди кои ги побарува американската франшиза. Компанијата била понудена и на други потенцијални купувачи, но Јанковски истакнува дека апсолутно немал никакви дилеми дали да ја преземе, бидејќи ако некој го познава Динерс Клуб Македонија како што вели тој „во малиот прст“,тоа е токму тимот со кој тој повеќе од 20 години успешно го води и развива брендот на македонскиот пазар.
Иако од секогаш мечтаел за такво нешто, најмалку очекувал понудата за аквизиција да дојде во една навистина тешка година и за живеење и за работа.
„Но, јас по природа сум човек кој не се плаши од предизвици, напротив, предизвиците ми даваат „ветер во грб“. Едноставно, не сакам да пропуштам шанси, само со едно оправдување дека „сега не е вистинското време“ затоа што никогаш не може да бидете сигурни дека следната година ќе биде подобра“- потенцира Јанковски во интервјуто и додава дека ова за него била вистинска шанса да ја круниса својата дваесетгодишна кариера во Динерс Клуб и да се вброи во листата на ретките приватни сопственици на франшизата.
Сега практично се отвораат можности за забрзан развој на Динерс Клуб во нашата земја, смета тој, споменувајќи ги идните планови на компанијата за ширење на продажната мрежа, унапредување на корисничката грижа, нови и иновативни производи и услуги, поголема брзина и флексибилност и максимално прилагодување кон пазарот и потребите на членовите.
Тој истакнува дека успешно ја завршиле првата ковид година – со добивка, но сепак без посакуваниот раст што било и очекувано поради сите комплексни ситуации.
„На некој начин, кризата брутално ни ги покажа слабостите кои биле покриени од одличните резултати во добрите години. Ни отвори нови перспективи и можности и нови начини на работење. Минатата година, колку и да беше тешка и полна со предизвици, нé натера да размислуваме за нови решенија. А тоа на некој начин е здраво за економијата, па и за системот.“- нагласува Јанковски.
Денес Динерс Клуб Македонија е силно етаблиран, препознатлив и одлично позициониран бренд во нашата земја. Динерс Клуб Македонија учествува со 11% во вкупниот промет со кредитни картички, што покажува дека луѓето кои ја имаат оваа картичка, навистина ја користат.
„Нашата корисничка база брои над 15.000 активни корисници, компанијата нуди богато портфолио на производи и ко-брендирани картички, 24 часовна корисничка поддршка и повеќе од 3600 продажни места и 7540 ПОС терминали во земјата, каде може да се пазарува на рати, но и можност за подигнување на готовина и враќање на долгот на рати. Нашиот највисок приоритет е задоволството на корисниците. Сакаме да имаме производ кој ќе им биде потребен на нашите членови и тие да се задоволни и среќни со користењето на картичката. Тој производ секојдневно се одибуваме да го прилагодиме на нивните барања и потреби. Очекувам успешна година, иако сме во сериозна криза во секој дел од општеството поради корона-вирусот. Стратегијата ќе мора да ја прилагодуваме поради пандемијата, но состојбата е таква каква што е, а ние мора да се адаптираме и да одиме напред!“- заклучува првиот човек на Динерс Клуб Македонија.