Штитеник во шелтер центарот„Сигурна куќа“: Сакаме да бидеме прифатени нормално,но кризата донесе повеќе хомофобија, насилство, несигурност за лицата од ЛГБТИ заедницата
Тасим Махмуди има 20 години од Дебарско, кој пред две години го напуштил семејниот дом поради поради насилство од семејството, вели дека во овој период, во време на криза е најстрашно-омразата и хомофобијата се присутни секаде, дури и на социјалните мрежи. Тој за 25 Минути излезе јавно, без да го сокрие својот идентитет, за да покаже дека со ништо не се разликува од своите врсници иако има поинаква сексуална ориентација.
„Работам на ново работно место веќе еден месец. Го прифатив овој разговор без да го сокријам мојот идентитет бидејќи се надевам дека ќе наидам на разбирање таму и ќе бидам прифатен. Морам да нагласам дека овој период во корона кризата е најтешко, се чувствува таа хомофобија насекаде и на социјалните мрежи. Има многу омраза, психичко, а и физичко насилство. Тоа ниту еден човек не го заслужува, ниту еден геј и нема потреба луѓето да се плашат од нас, затоа што геј не се станува, геј се раѓа“, вели Махмуди за 25 Минути.
Неразбран од семејството овој млад човек се труди да научи да живее самостојно. Сега е во Шелтер центарот-Сигурна куќа каде добил безбедно сместување. Таму е по трет пат, поради тоа што два пати губел работа поради корона кризата и еднаш поради насилство од семејството.