25 минути

Ода на прекрасното ДУИ

Најважниот, државотворен потег во поновата историја е радоста на лицето која се слеваше на премиерот Заев, кога оваа недела најави “големо, убаво изненадување, кое ќе го соопшти Ахмети, за добро за државата” се разбира.

Веднаш излегоа големите критичари да протестираат и драматизираат- како може во исто време нешто да биде убаво и добро за ДУИ, а во исто време и за граѓаните и самата држава.

Ако ги разгледате сите потези во кои убавите вести за оваа коалиција се најдоброто што воопшто е постигнато за државата, можете да ги издвоите секако извештаите за одредени општини како Арачиново- дека не плаќаат данок, заради тоа што не постои воопшто таков регистер.

Зарем тоа не е исклучително државотворна, историска идеја која ги циментира темелите на самата демократија, на самата  држава, најдобриот производ на анархијата и хаосот преку кои се моделира убавината и големината за која говори и самиот Заев?

“Модерна и соодветна идеја за 21.век”, како што вели тој, “во духот на унапредување на политичкиот амбиент во државата”- дали некој ја препознава тешкотијата во дослушување на овие говори, во кои се запишува историјата на празнотијата, со која само политичарите не се соочуваат.

Во празниите одеци на зградата на Министерството за политички систем, измислен, кафкијански производ на бесмислата и пресмешноста на апсурдот во исто време, нешто што не служи никому а всушност на сите, во исто време.

Парадоксот на ова Министерство кое постои а во исто време е непостоечко, ја има улогата само да се доделуваат важни, дебели функции, фотелји, итни вработувања по рамковни правила и исполнување на фантазии, за да се слави таквиот политички систем- кој всушност е едно големо, Потемкиново село. Имагинарни системи, кои се реализираат, за да се создаде лажен впечаток дека функционира системот- кој всшност е трул од раскошот кој е создаден преку кулиси, во кои играат ролји на министри, администрација, бесмисла од исклучително државно значење.

Идејата е зголемување на администрација со истите тие рамковни, а всушност, каков парадокс, во исто време се работи за паметни, образовани и квалификувани луѓе кои се трупаат во несоодветни институции, наместо да добијат вработувања каде заслужуваат.

Идејата е да се прикаже повторно, истото тоа Потемкиново село, расфрлано, раштркано, како папци на октоподот, кој се шири до бесконечност, додека не ги зграпчи сите и не ги потсети на убавата идеја на Ахмети, која ја презентираше Заев. И тој, самиот Заев, како руската кралица Катерина Втора, импресиониран од лажните кулиси кои ги создал Ахмети, денешниот кнез Потемкин, ќе разгледува и ќе се воодушевува како се напредува и цвета, под нивната бујна палка, која повеќе изгледа како стап со кој се тераат сите да преглумуваат нешто што ги надминува сите жалосни до липање, ситуации.

За тоа време, ние како сламени кукли наредени, ќе ракоплескаме и потскокнуваме, со замрзнати насмевки, кои оддалеку не се ни забележуваат колку се нацртани и свиснале од тежината на срамот што не разјал.

Додека светот чека да ја отвориме устата и да проговориме конечно нешто, добога, за да престане целата пародија на потемкиновиот политички систем, вграден во секоја пора на нашите драги, високи фукционери, величени како мајстори на ПР стратегиите, наместо како мајстори на одата на глупоста.