Питачењето e еден од најголемите проблеми што не успеа да го реши ниту една влада, a со оглед на ситуацијата, очигледно не е приоритет ниту сега и покрај големиот наплив на деца и возрасни кои просат по улиците на главниот град.
Современата форма на трговијата со деца во последните години се фокусира на питачење на мајки со деца, најчесто со бебиња, кои талкаат низ улиците, на сонце и студ со испружена рака, или пак на деца кои се во канџите на трговците со луѓе кои ги присилуваат да „работат“за нив.
Приказните во продолжение покажуваат колку е кревко ова општество во обидите да се носи со овој многу сериозен проблем.
Десетгодишната Сенада Куртиши исчезнала од нејзиниот домот во скопската општина Шуто Оризари каде живее со нејзините родители и уште пет браќа и сестри. Настанот се случил во март годинава, а родителите исчезнувањето веднаш го пријавиле во полиција. По четири дена Сенада била пронајдена под мостот на реаката Вардар, кај Железничката станица. Таа била со уште три деца со кои заедно питачеле по раскрсниците во центарот на Скопје.
Сенада раскажува дека на тоа ја принудила една девојка, малку постара од неа која веќе и била позната на полиција заради питачење. Но, признава дека и таа сакала да се обиде да проси за полесно да дојде до пари.
„Бевме три деца и девојката која ме зема од дома и ме натера да одиме да питачиме. Преку ден просевме пари, а ноќе спиевме на различни локации, во подрум во една напуштена куќа, под мостот на реката Вардар. Како поминуваше времето, се повеќе барав да се вратам дома, но девојката не ме пушташе, постојано ми викаше “ајде уште еден ден“.
Парите што ќе ги соберевме ги делевме. Си купивме, чорапи, чизми, облека. До нас просеше уште една жена со бебе во рацете и постојано ни велеше да си одиме дома. Не знам можеби им сметавме, зашто тоа е нивна територија. Таа со една група цело време се на семафорите на Бит Пазар,“, раскажува Сенада со наведната глава.
Семејството Куртиши живее од социјална помош од 10 000 денари. Но, родителите на Сенада, Синајдин и Махира велат дека не ги воспитуваат своите деца да просат по улици. Синајдин е болен, му откажале бубрезите, оди на дијализа и не може да работи за да го прехранува семејството, а финансискиот надоместок е малку за да го поминат месецот заедно со нивните малолетни деца. Сиромаштијата и средината во која што живеат се причина малата Сенада да биде заведена, да тргне по погрешен пат, да заработува пари со просење на улица.
Питачењето, главно e застапено кај луѓето што немаат вработување и се без егзистенција, или пак примаат социјална помош од државата која не им е доволна за да се прехранат и без елементарни услови за живот. Голем дел од нив немаа лични документи.
Но, не сите семејства кои живеат во сиромашниот дел на Ромската населба „Шуто Оризари“ ги воспитуваат своите деца да не питачат како семејството Куртиши. На многу од нив, децата им се главен адут за питачење бидејќи така заработуваат повеќе пари.
Триесет годишната Адема Барути има пет деца. Таа вели дека оди да проси пари со најмалото дете, Амел кој има две години.
„ Кога сум со мало дете луѓето повеќе даваат пари, им е жал за детето. Немам никакви документи бидејќи сум родена во Италија и не можам да работам никаде. Кога ќе ме фати полиција се чудат дека немам лични документи за идентификација и ме пуштаат, со дете дека сум“, вели Адема која живее во еден од малите монтажни контејнери за престој во Визбегово.
Тоа е густо населен дел од Роми кој се наоѓа зад Прифатниот центар за баратели на азил. Овие луѓе беа дислоцирани од просторот кај Градскиот парк каде што живееја под отворено небо.
Речиси сите питачат по раскрсници, некои примаат социјална помош, некои не, други собираат пластични шишиња по контејнери, а најголем дел од нив воопшто немаат лични документи.
„ Просам заедно со децата, најчесто со најмалото кое има девет месеци. Луѓето повеќе се сожалуваат кога ќе видат дете и ние тоа го користиме. Питачам од 10 до 16 часот и собирам околу 1000 денари за тоа време. Дома сме осум члена од семејството. Добиваме 8100 денари гарантирана социјална помош од државата, што не е доволно да се прехраниме, раскажува Љетофет Асан кој исто така живее во Визбегово.
Најчесто просат пред големите маркети, молови, на семафорите во најфрекфентни делови на градот, организирани во групи или самостојно. Ги има и пред големите пекари во градот каде што е многу фреквентно со луѓе. Тука покрај пари добиваат и нешто за јадење.
Малиот Џастин Рампето го најдовме како питачи пред трговскиот центар Веро-Џамбо. Рече дека живее кај Железничката станица во близина и не е дојден сам, неговиот поголем брат стои некаде подалеку од него и го надгледува.
„За леб просам. Дома немаме ништо за јадење. Собирам пари за да купиме нешто за јадење за да однесеме дома“, рече Џастин додека загрижено гледаше во далечина кон некого.
Го видовме стравот во неговите очи, за да не биде прекорен или малтретиран затоа што разговараше со авторот на ова истражување.
Трговците со луѓе купуваат деца за да просат и “работат“ за нив
Ова се само дел од приказните кои ни ги раскажаа луѓе кои го живеат животот на улица. За сите е карактеристично тоа што ги злоупотребуваат и користат децата за да просат и полесно да дојдат до пари.
Најголем дел ги злоупотребуваат сопствените деца, за некои од нив постојат сомнежи, за што известуваа и некои медими, дека им даваат таблети за спиење на бебињата за да не плачат и да спијат постојано додека тие со часови лутаат со испружена рака.
Имаше многу реакции на социјалните мрежи, но и во медиумите од граѓани кои ги гледале бебињата што не се будат со часови. Но, никој од луѓето што живеат во Ромската населба во Визбегово со кои разговаравме не сакаа да зборуваат и да кажат дали е тоа навистина така.
Во последните година-две на очиглед на јавноста забележани се големи групи на жени со деца или само деца кои стојат на големите раскрсници и многу нападно бараат пари од граѓаните кои застануваат на семафорите со своите автомобили. Некои од нив носат сунѓер во рацете за да го чистат ветробранското стакло, а вушност прво бараат пари.
Но, постојат и организирани групи предводени од трговци со луѓе кои ги земаат или ги купуваат децата од родителите. Тие ги присилуваат децата да просат и ги демнат, сокриени. Потоа им ги земаат сите пари кои ги собрале тој ден и тие деца стануваат нивни робови, принудени се да „работат“ за нив.
Пред очите на граѓаните, но и на социјалните служби, евидентно е дека ги принудуваат да седат на картони на Камениот мост додека не заспијат така гладни и истоштени, додека луѓето не се сожалат и им остават пари. А, тие од подалеку ги следат и набљудуваат. Во последниот период тоа го прават на поголемите раскрсници во градот.
Тие луѓе вршат трговија со децата и се и најопасни, подготвени да се „справат“ со секој што ќе ги открие. Овие подведувачи или попрецизно, трговци со деца најчесто ова го прават во договор со некои родители, а жртви се најранливите семејства особено самохраните мајки“ објаснува Љатифа Шиковска, пратеничка во Собранието на РСМ, која долги години претходно работеше во невладиниот сектор, на терен и добро ја познава оваа проблематика.
„Тие ги заведуваат и ги искористуваат децата или прават “дил“ со родители кои не се многу критични во своето однесување. Најранливи се самохраните мајки кои немаат од што да живеат и тие го користат тоа. Има родители кои свесно ги пуштаат своите деца со нив, најчесто се тоа социјално загрозени семејства, но има и такви на кои просењето им е навика, начин на живот. Нивните деца се или може да бидат жртви на трговија, да ги користат за сексуална експлоатација или за трговија со органи“, вели Шиковска.
Пред две години малолетничка на возраст од 16 години беше украдена од семејството и илегално пренесена преку граница, без патна исправа и без лични документи. Таа илегално ја поминала границата и била шверцувана во Германија каде што живее и сега, а граничната контрола очигледно не ги спречила во тоа, велат во Европскиот центар за права на Ромите.
„Тоа семејство живее мизерно, 15 луѓе се во една руинирана соба. Девојчето беше однесено како бегалка без знаење на нејзината мајка. Како ја изнеле од државата никој не знае. Сметаме дека државата на некој начин и овозможила нелегално да ја премине границата со автомобил, претпоставуваме со поткуп на вработените на граница.
Сакавме да поднесеме кривична пријава против државата, но мајката се откажа бидејќи се смирија и таа сега е во брак во Германија. Нејзиниот сопруг и свекор ја украдоа без знаење на родителите од тука“ вели Мустафа Асановски, монитор за човекови права во Европскиот центар за права на Ромите, од Брисел.
Еден случај ја потресе јавноста пред 12 години кога малолетната, а сега 26 годишната Рамизе исчезнала, а потоа се дознало дека возрасен маж од населбата Ѓорче Петров, ја држи затворена и ја искористува сексуално. Тој ја држел со месеци во неговата куќа. Подоцна избегала и сега е во брак, има деца, а со сопругот собираат пластични шишиња по контејнерите и така се прехрануваат.
Ја пронајдовме во Визбегово, но ниту таа, ниту некој од нејзиното семејство кое живее во густо населената Ромска населба, не сакаа да зборуваат за тоа што и се случувало таму, дали била продадена од родителите, дали била продавана и од возрасниот маж со кого живеела и дали била сексуално искористувана и од други луѓе. Нејзината мајка не сакаше да зборува за ова и постојано го свртуваше вниманието кон нејзиниот син со пречки во развојот, за кој бараше помош.
Мистерија е и кој е човекот што ја држел во заложништво, дали тој човек кој веќе е починат одговарал пред законот, дали одлежал затворска казна за стореното кривично дело.
Малолетничките бракови или продажбата на малолетни девојчиња за пари за да се спасат од сиромаштија, не се реткост кај луѓето кои одвај преживуваат. Но, тоа е тема за која одбегнуваат и не сакаат да зборуваат бидејќи знаат дека ќе одговараат пред законот.
Институциите бавни, невладините организации осамени во борбата
Никој не го знае точниот број, колку деца питачат на улица. Но, во Скопје во последно време има експазија на деца кои „се врзани“ за улицата.
Теренските истражувања на Дневниот центар за деца од улица, покажале дека околу 200 деца просат низ централното градско подрачје на главниот град и тие доаѓаат најмногу од кампот населен со бездомници во Визбегово, ромската Ге-Ге населба и од Шуто Оризари.
Според, анализата направена од Првата детска амбасада Меѓаши, околу 300 деца секојдневно денот го поминуваат на улица, живеејќи под ведро небо, без родителска грижа и тие се жртви на најтешките форми на злоупотреба на детскиот труд.
Едно двонеделно истражување на шест мобилни тимови, тоа се екипи на социјални работници од Центарот за социјална работа, утврдиле дека 167 деца меѓу кои 18 бебиња се идентификувани на неколку пофреквентни крстосници во Скопје.
Најчесто децата питачеле, чистеле стакла, продавале мали предмети. Поголем дел од нив биле без документи и не биле вклучени во образовниот процес.
Но, бројот е релативен и постојано се зголемува. Минатата година, 40 нови деца биле регистрирани од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Како превенција и помош за да се тргнат децата од улица функционираат овие мобилни тимови во Центрите за социјална работа и тие треба да ги детектираат, регистрираат и да превземат мерки-да алармираат за понатамошно постапување.
Но, очигледно овие тимови не се доволно ефективни или се малку и не можат да се справат со огромниот наплив на децата и родители со деца по улиците.
Постојат два дневни центри за деца на улица во Скопје, од кој едниот сега е пренаменет за жртви од семејно насилство, а вториот функционира во Општина Кисела вода и е со капацитет за 30 деца.
Трет дневен центар кој е инициран и работи на основа на невладина организација постои во општина Шуто Оризари и во него во моментот се згрижени 72 деца кои престојуваат таму од 8 до 13 часот.
„ Сите 72 деца беа евидентирани како просат, најчесто пред Сити Мол или на раскрсниците на булеварот „Партизански одреди“. Вкупно 62 од нив се вклучени во образовниот систем. Децата имаат можност една година да посетуваат дневен центар и да се отргнат од улица иако некои од нив знаат да избегаат и за време на викенд без знаење на родителите.
Доколку нема подобрување се вклучуваме со помош во образование, во вработување на мајките, ги учиме на фризерски вештини и тие не се враќаат на улица. Патот е многу тежок, средината влијае лошо, така што, се тоа бара многу енергија, вели Ирена Велковска, координатор на Дневниот центар за деца од улица, во Шуто Оризари.
Во овој дневен Центар работи тим од двајца психолози и тројца социјални работници. Сместен е времено во поликлиниката во Шуто Оризари затоа што пред неколку години објектот потполно изгоре. Започна како проект од Светска банка, до 2019 беше финансиски поддржан и од Министерството за труд и социјална политика, а сега треба да биде финансиски помогнат од општината.
Питачењето на улица како форма на трговија со деца, нивната злоупотреба од страна на родители или други лица, сексуалната злоупотреба, искористувањето на нивниот труд се проблеми со кои тешко се справуваат институциите на системот.
И ова не е само проблем во главниот град каде што има најголем број на случаи, туку и во повеќето градови во внатрешноста на државата, потврдија во Центрите за социјална работа.
„Институциите мора повеќе да ги заштитуваат овие деца да не бидат злоупотребувани. Питачењето мора да се решава системски, да се регистрираат колку деца се на улица, да се разговара со нив, да се видат потребите, вработувањата на родителите. Клучна улога има Министерството за труд и социјална политика.
Економскиот момент е најважен бидејќи сите тие живеат во сиромаштија. Но, напредок мора да има. Пред неколку години со невладиниот сектор успеавме три семејства да тргнеме од улица и да ги интегрираме“, објаснува Љатифе Шиковска пратеничка во Собранието на РСМ.
Питачењето како еден од најголемите проблеми, не успеа да го реши ниту една влада досега, а со оглед на фактичката состојба, не е приоритет ниту сега и покрај загрижувачкиот пораст на деца и возрасни кои просат по улиците, велат извори од невладиниот сектор кои не сакаат да бидат именувани.
Во пракса, за ваквите случаи се задолжени Центрите за социјална работа при Министерството за труд и социјална политика и работата на мобилните тимови се сведува да им укажат на последиците и мерките на родителите кои ги наведуваат децата на питачење.
„Доколку родителот не постапи по укажувањата и повторно го наведува детето на питачење или го користи за питачење, тогаш Центарот за социјална работа, времено го одзема детето од родителот и покренува постапка за одземање на родителското право пред надлежен суд и задолжително поднесува кривична пријава против родителот кој го злоупотребува и занемарува родителското право.
Се обезбедува соодветно згрижување на детето до конечната одлука на судот за одземање на родителското право“ објаснуваат од ПР службата на Министерството за труд и социјална политика.
Во Министертвото за труд и социјална политика, појаснуваат-доколку родителот го довел во опасност животот на детето, тогаш веднаш му се одзема времено, до донесување на конечната одлука на судот за одземање на родителското право, безда му се укаже за недостатоците и пропустите и веднаш се поднесува кривична пријава против родителот кој го злоупотребува и занемарува детето.
Како една од мерките за спречување на оваа појава во Министерството за труд и социјала, го наведуваат планот за намалување на сиромаштијата со зголемување на детскиот додаток, а до 2024 година Владата се обрзува 60% од децата од 3 до 6 годишна возраст да бидат опфатени и згрижени во предучилишни установи.
Сепак, во пракса се ова многу тешко функционира, бавно се постапува со овие случаи, а не постојат други форми на заштита.
Во Првата детска амбасада Меѓаши кои постојано го свртуваат вниманието ставајќи акцент на трговијата со деца и нивна злоупотреба, објаснуваат дека имаат проблем со службите во Центарот за социјална работа кога треба да се интервенира за некое дете.
Тие неодамна имале дојава за дете кое било оставено само на улица, без облека, голо и се обидувале да стапат во контакт со интервентниот тим на Центарот за социјална работа и со полицијата за да интервенираат.
„Иако, неколку пати сме се обидувале и да се јавиме на бројот 15 505 кој беше промовиран како број за пријавување деца на улица, тој број воопшто не е достапен. Ние не можеме да интервенираме и да ги тргнеме децата од улицата, немаме ингеренции и поради тоа, штом добиеме каква било дојава ги информираме надлежните за веднаш да преземат акција.
Претходно им се обраќавме писмено, сега телефонски. Некогаш добиваме потврден одговор дека било постапувано по нашата дојава, некогаш не. Во овој случај, мобилните тимови не стигнале да го најдат ова дете, зашто тие како по правило не стојат на едно место“, изјави Драги Змијанац, основач и извршен директор на Првата детска амбасада Меѓаши.
Овој вид на злоупотреба влијае на секој аспект од животот на децата, го нарушува нивниот физички, психички, социјален и образовен развој и ги оневозможува во остварувањето на нивните основни човекови права.
Нема база на податоци колку деца питачат на улица
Загрижувачки е и фактот што во нашата земја не постои официјална база на податоци за утврдување на точниот број и ситуацијата во која се наоѓаат овие деца и тоа е една од препораките во Извештајот за состојбата со правата на децата во РСМ, потенцираат од Првата детска амбасада Меѓаши.
Но, питачењето на улица особено во група или под принуда од трговци со деца може да биде фатално и овие деца да завршат на црниот пазар – да бидат принудувани да просат во странство(на некој начин кријумчарите ги изнесуваат од државата), потоа се надоврзува и опасноста од продажба на органи или од сексуално искористување, од проституција.
Години наназад по улиците на италијанските градови можеа да се видат деца од нашата држава, како просат. Пандемијата со коронавирусот ги спречи во последната година и пол да патуваат, па можеби и тоа е причината за толку големиот наплив на деца кои питачат најмногу, по улиците на главниот град.
Во Министерството за внатрешни работи, признаваат дека ги знаат сите локации во главниот град каде што децата се принудуваат да просат. Па сепак, ситуацијата останува непроменета, а нивниот број од ден на ден се зголемува.
Од ПР службата во МВР информираат дека постапуваат по Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, имајќи го во предвид Законот за правда на деца, а од причини што оваа појава се третира согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, доколку се утврдат елементи на кривично дело по член 201 „Запуштање и малтретирање на дете“ кривична пријава се поднесува против родителот.
„ Од причини што согласно Упатството за водење на статистички податоци не се води статистика по начинот на извршување на кривичното дело, согласно извршените дополнителни проверки во електронската датотека на Министерството за внатрешни работи за последните пет години вклучително и првото тромесечие од 2021 година евидентираме вкупно 227 кривични дела „Запуштање и малтретирање на дете“.
При притоа 26 кривични пријави биле против родител на дете кое било затекнато при питачење, како и 31 прекршок“ , се вели во официјалниот писмен одговор кој го добивме од ПР службата во МВР.
На официјалната веб страна на Министерството за внатрешни работи пет деца се водат за исчезнати. Нема никаква дополнителна информација дали има некаков траг досега и дали се знае или се претпоставува на кој начин се исчезнати.
“Трговците на деца секогаш се на чекор пред државите кои сакаат да ги задржат, кои најчесто се киднапирани за сексуална експлоатација, трговија со органи или питачење и нелегално посвојување“, потенцира Драги Змијанац, од Меѓаши.
Трговијата со деца во која од позастапените форми е питачењето, е една од најтешките, брутални форми на кршење на детските права и е тесно поврзана со детскиот труд, принудна работа, малолетнички брак, продавање на органи, киднапирање и сексуална експлоатација.
Овој феномен е сличен на ропството и содржи најлоши форми на детска експлоатација. Децата имаат посебни потреби за заштита, а владите се должни, согласно Конвенцијата на ООН за правата на детето и другите меѓународни легислативи, да ги гарантираат.
Справувањето со овој феномен бара посебно внимание и воведување на специфични мерки на заштита, заради ризиците на кои децата се изложени во процесот на растење и развивање.
РС Македонија има воспоставено закони и регулативи поврзани со детскиот труд и трговија со деца, но сепак во правната рамка на нашето законодавство се уште постојат празнини за соодветна заштита на децата.
Постои и група на експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА), тело за следење на Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе на Советот на Европа, која е ратификувана од нашата земја.
Иако во 2002 година, државата ја ратификувашее Конвенцијата бр.182 за итно спречување на најлошите форми на деткиот труд, состојбата со злоупотреба на детскиот труд е многу алармантна. Злоупотребата на детскиот труд е дирекно поврзана со сиромаштијата и не вклучувањето на децата во редовен образовен процес.
Државата не е вклучена во европските броеви за киндапирани деца каде што може брзо да се интервенира првите 24 часа, за да може да се спречи евентуална трговија, а нема ниту образовен процес за децата да се учат што е тоа потенцијална жртва или да се обучуваат како да се заштитат.
Од тие причини, за децата од мали да се тргнат од улица, Меѓаши предлагаат задолжително рано вклучување на децата во градинка од тригодишна возраст со што ќе им се помогне навремено да бидат оттргнати од улица, сиромаштија и неписменост.
“Со вработување барем на еден член од семејствата кои се во ризик, обезбедување покрив над глава и рано вклучување на децата во градинките има шански децата под висок ризик од злоупотреба на детски труд да излезат од кругот на неписменост, сиромаштија и злоупотреба.
Потсетуваме дека сите политики и механизми за превенција и сузбивање на детскиот труд треба да бидат донесени и имплементирани согласно најдобриот интерес на детето, а детското учество да биде интегрален дел од нив,“ порачува, Змијанац од Меѓаши.
И согласно фактот, дека деца кои се жртви на трговија се најчесто од најниските слоеви кои живеат во сиромаштија, необразованост, од социјално ранливи категории, тие треба да бидат во фокусот.
Со цел да ги поддржи македонските власти во спречување и сузбивање на трговијата со луѓе, вклучително и за присилно питачење Советот на Европа имплементира проект за превенција и сузбивање на трговијата со луѓе.
Проектот кој се фокусира на борбата против трговија со деца, трговија со цел трудова експлоатација и надомест на штета за жртвите на трговијата со луѓе е финансиран преку Хоризонталниот инструмент на Советот на Европа и на Европската Унија. Оваа рамка за соработка има за цел да им се помогне на земјите од Југоисточна Европа и Турција да ги запазат европските стандарди.
За време на мигрантската криза, на пример, кога бегалците и мигрантите транзитираа и низ нашата држава исчезнаа околу 10.000 деца низ Европа. Во светот на годишно ниво има од 7 до 8 милиони исчезнати деца, а во Европа годишно исчезнуваат околу 250.000 деца.
Кога еднаш ќе бидат однесени од својата држава на тие деца им се губи трагот. Особено, ако немаат лични документи како најголем процент од децата кои просат по улиците на Скопје.
Нивната судбина останува наша грижа и обврска на ова општество. Патот по кој ќе им се помогне не е едноставен, но е остварлив – нивна евиденција и интеграција, вклучување во образовниот процес со можност за едукација и работа на нивните родители.
ЕНГ – This [product] was produced with the financial support of the European Union and the Council of Europe. The views expressed herein can in no way be taken to reflect the official opinion of either party
МК – Оваа статија/сторија е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија и Советот на Европа. На ниеден начин не може да се смета дека гледиштата изразени во истата го одразуваат мислењето на Европската Унија или на Советот на Европа