25 минути

Приказна за логото, за Динка и за нашите владини лилипутанци

Слушнете ја таа врева на приучени критичари за логото направено за прослава на 30 години самостојна, независна Македонија. Како изгледа логото?

Аматериве од критичари велат- некакво исечено, повеќе личи на распарчено сонце, за кое Владата важно објаснува дека не било знамето, потоа врз тоа полу-знаме е прилепен меѓународен код МК, на крај шлапната бројка 30, и- како вели Владата- сето ова раскажувало за нашата државност.

Точно така, ваквото лого раскажува за нашата државност. Ова лого е самата есенција, дефиниција за текот на државата, најточниот опис за тоа што станавме и кон што и понатаму одиме и стремиме.

Како вели еден од тие приучени, неспособни, неквалификувани, во очите на Владата-  основоположникот на македонскиот дизајн, академскиот сликар Костадин Танчев- Динка, кој повеќе од 60 години се бави со дизајн?

„Срам ми е кога го гледам логото, треба да биде креација на напреднатата технологија, имаме и напреднати, образовани деца, и затоа барам под итно да се повлече ова лого“.

Но, сликарот Динка греши, ова лого не треба да се повлече, затоа што логото и тој самиот- како суштинска спротивност на сѐ што претставува тој цртеж, овие две точки се најпрецизната дефиниција за нашата државност досега.

Автори на логото биле владини дизајнери, оттука почит и овации мора да се имаат, штом се спомене буквата В, не треба останатите букви да се деранжираат, сите се штрекнуваме, изрипуваме и се поклонуваме, фрлајќи ги телата пред портите на Владата, благодарни што воопшто ни дозволиле да се испружиме.

Никаде не прочитав имиња на овие славни, проминентни владини дизајнери, дали воопшто постојат, или се само халуцинација и фантазија на нашата Влада?

Затоа што, самиот збор Влада подразбира дизајнери, архитекти, лекари и драматурзи, академици и славеници, борци против корупција, сите професии тука се собрани во една, таму сите се сѐ и секој е повеќе од тоа сѐ, имате еден збир на божества склопени во еден тотем, во еден вртлог кој сите нѐ повлекува надолу. 

Пред него паѓаме на колена, му се поклонуваме, нему му принесуваме жртви, од него почнува сѐ, тој е изворот, коренот на нашата државност- како замислуваат дека таа треба да изгледа, и воедно епилогот, крајот на нашата иста таа, кутра наша државност.

Но, значењето на државноста токму за тоа говори- тие владини дизајнери и не треба да имаат свој идентитет, име, презиме, кариера, работа, некаков елементарен труд, обилно излиена пот. Затоа што, доволно е да се владини, самиот израз, самата формулација говори сѐ, подразбира дека се божји продукти, од каде светот славно извира и каде е стрмоглавува, фатално пропаѓа, доволно трескавично за сите времиња поминати во оваа држава.

Никаде не прочитав дали имало јавен конкурс, потоа кои луѓе биле во Комисијата за лого, за да одлучат кој воопшто има право да седне и дали во таа божја Комисија имало воопшто луѓе, или само богови се присобрале набрзина да прилепат нешто, затоа што имаат поважни работи од ова малтретирање со нас? Не ме засмејувајте, очигледно е дека немало ниту јавен конкурс, ниту некаква Комисија, не бидете наивни и не барајте ништо повеќе, тоа е Владата, таа е Комисијата, Великиот суд, царството е нејзино и таа одлучува за сите нас.

Или самиот факт што се владини дизајнери ги става на пиедестал, ги прави надлуѓе, митски суштества, стоглави, со сто глави и исто толку, можеби дупло раце, доволно долги раце за да постигнат насекаде, да грабнат сѐ што се може, да ги исшмукаат сите професии, тие имаат нозе кои насекаде одат, расчекорени, затоа што не можат сѐ да постигнат.

Тоа е нашата државност, господине Динка. Тоа сте и вие, тогаш кога никој не ве прашува, никој и веројатно и не чул за вас, никој кога велам- мислам на овие владини раце и нозе кои се раштркале секаде, ве поклопиле, сите нас не стуткале во еден чадор, за никој да не види светло, ниту ден, ниту да знае дека можеби дошол друг ден.

И не дошол, овие 30 години државност преку ова лого значат токму тоа- дека друг ден не дошол, ниту некогаш ќе дојде, ако вака продолжите владини наши политички лилипутанци, кои не знаат за срам, ниту за една ситна трошка срам. Најситната барем да беше, можеби сѐ поинаку ќе беше.