Еднаш мораше да пукне, затоа што овој систем е неодржлив и неиздржлив. Тетовската трагедија во која починаа 15 луѓе, а 12 се повредени, ги покажа сите останати трагедии, кои со години не сака да ги слушне Заев.
Доколку еднаш седнеше во столчето, доколку еднаш се задлабочеше во бескрајот од пукнатини, во тонењата и бездната во која нема крај, ќе разбереше. Неодржливо е она што тој го создаде, се руши секојдневно, се рони, пред дури и да се допре.
Денес, кое всушност значи одамна, тој нема повеќе простор за маневар. Секојдневното умирање, таа страотна бројка на починати луѓе од ковид, супстандардните услови во кои се болниците, амбулантите, сите здравствени установи, немањето на возила за Брза помош, доктори, медицински персонал, соодветни лекови и медицински апарати, невозможност од брзи интервенции на матичните доктори, фактот што семејства ги негуваат пациентите, што сѐ се случува што не знаеме, тоа не може да преживее понатаму.
Тоа не може повеќе да постои ниту денеска, како што и од првиот ден е невозможно да прогледа, да прооди, да се крене, барем колку да се види дека се наѕираат некакви силуети.
Доколку седнеше Заев и се замислеше, ќе ги согледаше и сите останати трагедии- кои ја сочинуваат власта со која тој раководи. Партиските полтрони. длабокоумните советници со кои се опкружил, нивниот бесконечен број, прашањето за нивното постоење, одговорите за празнотијата од целата власт која се мери со човечки животи. Партиското делење на функции е пожарот кој секојдневно избувнува, онака како што Заев некој ден остана во Грција, најавувајќи дека одлично раководи преку Интернет врска со Владата.
За што му служат бодрењата на таа свита што го окупирала, тие големи и важни советници, новинари кои лелекаат околу опозицијата, наместо да ја соопштат вистината за власта, партиски потрчковци- сѐ се тоа клиенти, кои нема да преживеат без него. Што добива воопшто од тоа, кога во исто време замислува дека е опкружен со хиени во останатиот видеокруг.
Ако се замислеше, ќе беше сѐ поинаку. Сите тие луѓе околу него, кои му кажуваат дека сите се виновни, само не и тој, и тие, не разбираат ни тие, ниту тој, дека одговорноста е на власта, а не на оние кои го критикуваат. Тоа е единствената почва на кој тој мисли дека може да гази, а всушност пропаѓа секој ден, сѐ подлабоко. Пораката на Пендаровски дека најмалку што може е да се даде оставка е единствениот разумен глас, кој тој никогаш и не сакал да го чуе низ годиниве.
Кој ќе одговара е подоброто, вистинското прашање, затоа што оставките нема да значат ништо, во бескрајната борба за власт и моќ. Во таквата политичка војна, залудно е сѐ, а најтрагично од сѐ е што жртвите се реални, наши, на најблиските. Затоа, тагувањето за оставката на Венко Филипче значи тагување по самите себе- вие, клиентите, кои не постоите без партиските чешми на функции, пари и моќ, макар биле и најмалите изворчиња, дури и безвредни привилегии. За вас се единствената сламка за опстанок, единственото што го имате и што го нудите, и сѐ додека политички не изгорите, вие ги жртвувате останатите животи на сите околу вас, подготвени сте да пламнат, во буквална смисла на зборот.