За само еден ден германските крими- техничари го завршиле увидот во опожарената модуларна болница во Тетово. За само еден ден. Ниту минута повеќе, ниту секунда помалку.
Видете, да стануваше збор за врвна експертска помош од некоја од балканските држави, некои велам, не сите, но сепак, пресудата е таа- прославени сме по јавашлукот, башибозукот и мрзеливоста. Сепак, тука говориме за една крајно сериозна држава како Германија, и затоа, за жал, патот до сарказмот и цинизмот е најтешкиот поплочен правец.
Да се работеше за македонски експерти, со крен презир ќе заклучевме веднаш дека е невозможно да се направи темелна, сериозна, експертска истрага само за 24 часа, добога, бидете сериозни.
Веднаш ќе претпоставевме дека тесната специјалност на нашите краишта- балканската корупција, секако дека стапила на сила, зарем е можно поинаку? Само така Балканците би дошле до тие магични 24 часа. За само еден ден да завршат истрага, ајде ви се молам, не се шегувајте.
Јавноста ќе видеше она што низ вековите одамна го гледа- договорите тука се прават само со јавно нападно тупкање по рамо, како и трескање по сопствените гради- како аргумент дека никој подобро не може да ја среди работата, што во превод значи да ја оплеска.
Покриени преку самоуверено-арогантни монолози на прес-конференциите, ќе говорат неразбирливо склопени реченици кои никој нема ниту сила, ниту капацитет, ниту па нерви да ги слуша.
Секако, длабоко во себе балканските врвни експерти секогаш се искрено зачудени, дури се на раб да се снеможат од запрепастеност како е можно да се потребни тие огромни 24 часа, кога во секое време тие можат да ги решат сите проблеми за дел од секунда.
Но, драги господа, почитувани пријатели, мили другари, доколку балканскиот театар инсистира на 24 часа, секако дека експертот од овие краишта тоа може да го испорача со маестрален перформанс на шарлатанско сеење магла.
Но, но, разочарани мораа сите да останат- со оглед на тоа што се работи за една дисциплинирана држава како Германија, за народ како што се Германците, нивната посветеност и филигранска прецизност се подразбираат, за жал на балканскиот експертски конзилиум, најчесто од кафеанска природа.
Таа прочуена германска ефикасност може да значи само едно- дека некои истраги тука, на Балканот, во Македонија, видете вие шокантен податок, дури било можно да бидат завршени за само еден ден, ниту минута повеќе, ниту секунда помалку.
Но, но. Во целата огромна трагедија, за потоа да следи импресивната германска ефикасност, има еден мал прозорец „светла надеж за иднината“- германските резултати од истрагата ќе биле преземени во Обвинителството од Тетово. Ајде сега ве молам, согласно овдешните искуства на сите трагедии, инциденти, криминали и злоупотреби, не се сомневам дека ги знаете одговорите на овие прашања: За колку време ќе бидат откриени виновниците за несреќата? Дали тоа ќе бидат вистинските виновници? Дали вистинските виновници ќе бидат соодветно казнети? Дали навистина ќе ја отслужат казната? Проблемот е што веројатно истите одговори ги имаме сите, и тие не се добри, охрабрувачки одговори.
А кога една власт ќе сфати дека граѓаните се несреќни затоа што однапред знаат дека сите патишта водат кон пропаста, тоа за власта не е воопшто добар знак. Воопшто не е најдобриот.