25 минути

Случајот на судскиот вештак З.З.

Како тоа се случи премиерот Заев  да ги соопшти резултатите од истрагата за трагедијата од пожарот во тетовската модуларна болница? Истрагата се водеше од германски експерти, за подоцна да бидат доставени до македонското Обвинителство, зарем не?

Зошто тој ја презема улогата на обвинител, на судија и кадија, на главен човек на истрагата, на проценител за тоа дека не се виновни луѓето кои добиле власт и со тоа и обврска да креираат и спроведуваат политики кои се одговорни, сериозни, но и да одговараат за нив и тоа на транспарентен начин, да даваат отчет за своите постапки, да бидат понизни кон оние кои ги избрале да ја водат државата.

Но, не, господо драга, за Заев, судскиот вештак, обвинител, судија и дежурен полицаец, виновен бил само еден обичен, црн, неугледен кабел, раскапан и млитав од сеопшто влечкање на сите знајни и непоканети гости во таа болница. Продолжен при тоа бил тој кабел, несоодветен дури да биде искористен и за банално полнење на телефони, кабел од кој сите се сопнувале и на крај, не го ни погледнувале, толку се сродиле и одомаќиниле, што морал да преземе немилосрдни мерки, иако ги предупредувал, иако како закана висел над нивните празни, неупотребливи глави- на оние кои биле одговорни за постоењето на тој демонски кабел.

За тоа време, додека одговорните избрале да бидат слепи и глуви, го подместувале кабелот насекаде, го развлечкувале и тегнеле сѐ додека не попука, за да им служи  докрај, несвесни дека тоа значи- додека не дојде крајот.

Кабелот како кабел- ги демнел доволно долго за да им се отворат очите, им давал шанса да станат свесни што подразбира одговорност во вршење на сериозна функција, од која зависат човечки животи, во која клатењето нозе на фотелјите благодарејќи на партиските функции и привилегии станува срамен чин, со крвави последици.

На крај, сите се обесивме на тој кабел. Нѐ оптегна доволно добро сите за да не можеме да мрднеме понатму, не парализираше во сознанието дека пусти се нашите надежи за функционирање на државата, на свеста воопшто, на одговорноста на политичките шупливи глави.

Тие, округлите празноглави политички глави секако дека мислат- е, да, кабел како кабел, еднаш мора да пукне и да ги обвитка нивните вратови, но, господа драги, што имаме ние со тоа?

Нашите глави ја имаат таа среќа, избегнуваме вешто секакво затегнување,  и најмала можност да ни се приближи не дозволуваме. Никогаш нема да нѐ цвикне ниеден кабел, сѐ додека власта ја имаме, сѐ додека вас ве дави и немате веќе како да земете здив од нас. Бесрамно, зарем не.