На некоја минута до 12 на полноќ, кога започнува изборниот молк, смее да се посака само едно на локалните избори-„Никој не мечтае за филозофи да ја водат државата, но нека победат оние, со светли мисли во главата“.(Умберто Еко).
За оние, кои навистина би имале храброст да ги запалат партиските книшки, побрзо би изгореле со нив, но би знаеле дека сѐ е залудно, ако околу себе гледаат несреќни луѓе. Зарем има такви?
Веројатно треба да се гласа за оние кои заедно со нас го чистат ѓубрето, кои секојдневно се наведнати, прокопсани и бесни, или можеби рамнодушни, но собираат сѐ што останало зад останатите.
Можеби сепак треба да се биде храбар и да се гласа против оние кои го оставиле да гние тоа исто ѓубре, да смрди наоколу, да тонеме сите во него, но не и оние кои се сега во позиција да решаваат за него. И, каква е оваа епизода, долгодишна, децениска, одеднаш и не знаат дека тоа ѓубре постои.
Тие искрено се зачудени кога им го спомнуваме, затоа што не знаат ништо за тоа ѓубре, тоа е одамна далеку од нив, тие се вчудоневидени кога некој им го покажува, кога почнува да смрди од него, затоа што живее секојдневно со него, се сродил со неговите пипци, еден со друг се влечкаат заедно деноноќно, не можат да го замислат одамна животот еден без друг.
Или, тротоарите, разгледајте ги нив околу вас, видете се себе на нив, замислете се, како би изгледал навистина животот тие да почнат да постојат. Господа драги, политичарите не се сопнуваат од сопствените нозе, од дупките, од количките на своите бебиња, не го играат тетрисот на својот живот додека се обидуваат да преживеат, за да не бидат смачкани од колите, од велосипедите, од тротитените, од луѓето кои се удираат од нив.
Сите одиме на тенка жица, по улиците, по ивичникот, по невидливата линија зацртана од ДУП и ГУП експертите, кои не знаат за нас, никогаш ни не насетиле колку секојдневно го жртвуваме животот за да чекориме храбро, како циркуски акробати, кои точно знаат- дека можеби ова е последниот чекор. Но, вреди. Дали навистина вреди, се прашувате.
О, секако дека и најмалиот, и незначајниот чекор вреди, затоа што ако ја погледнете историјата, доволен е само еден плач, само еден мал глас, за да се покренат планините, да заплачат спомениците, да се сруши небото, да се отвори земјата, да се смени сѐ од корен, како никогаш и да не било.
Затоа, гласот е секогаш за оние кои имаат светли мисли, кои чекорат со нас до ивицата на тротоарите, по ѓубриштата и ги чистат парковите, оние кои го бранат вашиот живот еднакво како и сопствениот.
Но, ако ни зависи сопствената работа, плата, егзистенција, семејство, живот- сѐ, баш сѐ од партијата, залудно посакуваме, залудно сакаме подобра работа, подобра плата, подобра егзистенција, затоа што никогаш нема да добиеме подобро небо каде ќе може да се огледуваме од улиците.
Останува ѓубрето, смрдеата и сите ние, затоа што само ние тоа сме го посакале, а потоа создале- затоа што сѐ почнало од тоа дека токму за тоа и сме гласале.