Ќе дојде така ден, кога Заев ќе мора да собере храброст и да се осами. Кога ќе сака да остане сам, сосема сам, заклучен во својот свет, оној кој никој не му го знае, сосема поинаков од оној кој го раздава на сите, великодушно, без резерва и дистанца, и сепак, не очекува да добие ништо.
Затоа што, секој човек мора да има нешто свое, сочувано само за себе, тогаш кога мора да се осознае себе, вистината која притиска и пече, која боли, за себе и за сѐ околу себе. Сам со своите мисли, во својата фотелја, замислен, сосема исклучен од сите, особено од оние околу него.
Оние кои досега му ја клацкаа фотелјата, лево- десно, горе- долу, полека, хипнотизирачки, додека не потоне со блажена насмевка. Додека не почне да ја сонува искривената ралност, која тие му ја рецитираа со монотон глас, па ќе прејдеа на восклици, на грмење, додека и тој не рипне заедно со нив да ја слави победата.
Го успиваа со бајки и радосни, весели песнички, за лажните успеси, за непостоечките победи, за измислените луѓе кои му аплаудираат во себе, потајно, кои го величаат потсвесно, кои на крајот ќе го заокружат бројот кога ќе дојде моментот, и покрај сѐ .
Тие околу него се оние големи и важни советници, од секаков калибар, но најважниот нивен печат е- дека никој не му ја кажуваше вистината.
Дека во политиката може да се биде казнет, тогаш кога не се бива свесен за тоа што се случува околу, дека маглата која ја сеат другите станува темен мрак преку ноќ, и потоа се губи тој политичар, додека засекогаш не го снема. Дека во тој мрак има стапици кои не се гледаат, дека останатите кога му кажуваат каде да гази и што да избегнува, може многу лесно да го фрлат во провалија.
Дека политичарот треба да биде опкружен со најмудрите, најквалификуваните, најдобрите, но изборот за жал, оној избор на Заев, беше единствено за оние на кои сакаше да им помогне- за лепче да не страдаат, како што тој говори предолго, и не се слуша воопшто, што навистина изговорил.
Зошто се изгубија локалните избори? Зошто сега тој говори за злото кое не смее да дојде повторно?
Зарем не знае? Зошто не слушаше што му се говореше, што му се пишуваше, за што беше предупредуван?
Зошто се случи тетовската трагедија, зошто заврши без казни, затоа што само така може да биде искрено каењето, има ли одговор? Зошто мораше да се случи соопштувањето дека бугарскиот фашистички окупатор никогаш не ни постоел, зошто изгледа дека историјата ќе биде избришана, како никогаш да не се случила, како да не знае дека сме сега тука, токму благодарејќи на оние луѓе чии споменици сега се најавува дека ќе се бришат, луѓе кои се бореле за нас и нашата иднина, кои гинеле за нас, зарем е можно да не знае?
Зошто останува сѐ уште глув за извештаите за корупција, за финансиска нетранспарентност, за најобичните луѓе кои протестираат за тротоарите по кои не може да се стапне заради инвазијата на автомобили, глув за ѓубрето, кое го собираат странските амбасадори, со желба да ни ја всадат елементарната култура- а тоа е за почеток, набавка на обични, банални корпи за ѓубре кои треба само да се постават на неколку десетици метри, за да не се задушиме и не потонеме во ѓубрето и смрдеата со која не можат да се справат нашите избрани градски татковци.
Зошто на митинзите ја виткаше непристојно раката, исто како да покажува среден прст, и неговите позади него, одушевено му кликаа, чиј совет беше сцената со „Кочи Мицко“ со цел да ги развеселува граѓаните? Но, наместо сето тоа, доби срам и неверица од другата страна, од довчерашните негови гласачи, пред се.
Зошто одеднаш политичката култура и културата воопшто се струполи, се соголи, тогаш кога треба на сцена да се види едно фино, пристојно, граѓанско однесување, зошто добога?
Никој не го заборава теророт од времето на владеењето на Груевски, нема потреба Заев да нѐ потсетува на злото. Но, она што мора да знае и тој и тие околу него, дека тие ни го вратија Груевски, и за тоа не може да очекуваат некој да им прости.