Телата на 45 луѓе, живи изгорени во македонски автобус во Бугарија, вчера беа пречекани со најголеми почести. Беа пречекани од неброени, наредени политички функционери, со рака на градите и жал во душата, им оддаваа слава и почит на овие луѓе, кои, токму заради немањето почит и почест, денеска ги нема.
За жал, никој од одговорните политички функционери на транспортниот, царинскиот и кој сѐ не бизнис- никој не излезе јавно, да каже:
„Се чувствувам виновен за смртта на овие луѓе, се чувствувам одговорен што во оваа држава не функционира елементарната почест и почит кон граѓаните, за што сум и јас сум заслужен.
Се срамам што ја имам оваа функција, затоа што не им служам на интересите на граѓаните, туку само на бизнис релациите, кои се исклучиво коруптивни и криминални. Не е во прашање мојата оставка, тоа е најлесниот начин да преживеам, јас треба да одговарам, затоа што таа лекција еднаш мора да се научи, еднаш засекогаш во оваа држава.
Сега не е време за кукање за нашите функции, сега е време за липање за нашите луѓе, што заради мене и заради многумина како мене, ова стана пропадната држава.
Ова стана држава од која треба да се плашите. Најмногу за своите животи. Најмалку за нашите функции. Најмногу за фактот што нема одговорност. Најмногу што нема правда. И нема казна за нас.
Најмногу што дозволивме да направиме пепел од земја која ни е дадена на послужавник, за која никогаш и не сме се бореле, на ниту еден начин, за која нашите предци се заслужни, што денес седиме на фтелјите и за тоа сме виновни само ние, политичките функционери, некадарни, алчни, примитивни, корумпирани, срамни“.
И Заев пред да си оди од лидерската функција на СДСМ, но во исто време задржувајќи ја премиерската, не е лошо да им објасни на овие луѓе- сега не е време за кукање за вашите мизерни функции, сега е време за поднесување сметки и плаќање, дебело плаќање без враќање.
Заедно со Ахмети и Артан Груби да им го објасни ова на сите што добиле чест да раководат со некакви институции и ја довеле државата во ваква пропаст- да горат луѓе во тетовската болница, да горат луѓе во македонски автобус, и сѐ уште да се размислува дали бугарскиот пат и тетовскиот кабел се највиновните во овие трагедии.
Затоа што пет пари нема да вреди ова мнозинство на Заев и Ахмети, на Груби и Гаши ако честа и почеста не бидат дадени на вистинското место, на граѓаните, преку одговорност за делата на сите оние кои со своите функциии дозволиле злосторства, затоа што знаеле дека никогаш нема да бидат казнети.