25 минути

А сега, за драгите наследници

Колку е тешко да се посакува да се биде лидер на партија?

СДСМ со своите три кандидати- Димитар Ковачевски, Јован Деспотовски и Фросина Ременски и организирање на општи, тајни, што значи демократски избори, покажа сепак дека се обидува со сите сили да се реформира, ако веќе не можеле навистина да направат длабоки резови во државата.

ВМРО-ДПМНЕ пак, само со еден кандидат за лидер, Мицковски, ја има старата, децениска  приказна на оваа партија- стравот, автократскиот амбиент, закоравената матрица која ги мумифицирала сите членови, без исклучок. Тие не само што не можат да се кренат од својата стуткана, како фетус позиција, тие ниту глас не смеат да пуштат, дури и кога се работи за нивната избраздена кожичка. Неа ја делкале претходните лидери, година по година стругале, така што толку свиснала, што немаат ни желба, ниту сила да се кренат за само еден тон да пуштат од грлото, кнедлосано и во паника, за да не се слушне макар тивко цимолење.

Но, но. Интересно изгледа оваа вмровска партија сведочења против Груевски, Јанкуловска и Проуѓер со видлива длабока почит кон избеганиот кутар лидер, почит која во превод значи само страв и ништо повеќе.

Така, тие започнаа да го разобличуваат лажното финансиско донирање за да се разоткријат сите мали и големи сефови на нивниот поранешен и веќе не толку драг шеф, со што прогласија само едно- обид да ја спасат онаа нивна кожичка која била рендана барем една деценија, барем од трулеж да ја поштедат, ако не може ништо подобро да се состави од неа.

Затоа, идниот лидер на СДСМ треба добро да се подготви за вистински пресврт во досегашните заспани, да не кажам непостоечки реформи во државава.

Корупцијата на судството, правосудството, корупцијата насекаде околу нас, во сите пори, предолго се служи директно од менито, заради што и вистинскиот одговор на граѓаните се доби на локалните избори.

Главниот деликатес на корупцијата- путерот на „најголемиот борец“ Љупчо Николовски не успеа доволно да ги премачка до непропознатливост очите на граѓаните, за негово искрено изненадување, кое се граничи со шокираност.

Ех, каква штета за неговото наивно разбирање на политиката- дека граѓаните се раѓаат како будали, го проживуваат бедниот животец како будалетинки и умираат тивко, повторно како будали, затоа што некој политичар така замислил дека функционира светот околу него, кој во суштина- ниту го знае, ниту го видел, ниту пак има претстава што тој свет значи. Единствените негови испорачани резултати е опстојување и славење на големите функции и привилегии што ги доби, и би било навистина неверојатно ако не добие нови, свежи прилики и во новата власт, после Заев.

Доколку се така заврши, драгиот наследник на Заев само ќе го продлабочи бесот и разочараноста на граѓаните и ќе ја прокоцка последната шанса, а таа не беше мала, најмалку ситна  од самиот почеток. Шарената револуција носеше големи идеи и еднакво големи борци ја носеа на грб, кои неколку години подоцна брутално ја испорачаа прекрупната сметка на СДСМ- на локалните избори. Нека не се шегува наследникот на Заев со граѓаните, онака како што тоа изгледаше крајно сериозно дегутантно со путер корупцијата на Љупчо Николовски. Новата сметка засега само виси, но како меч за предупредување- кога ќе стигне, нема да го бира правецот на збогување.