25 минути

Сѐ е исто, само него го нема

Сега кога и официјално замина Заев, апетитите на старото раководство, и партиско и државно, остануваат еднакво големи, исто лакоми, прождрливи. Неверојатно е како никој од нив не гледа трошка грижа на совест што сите неуспеси и лоши политики, пак партиски и државни, ги зема како свој грев Заев, додека тие мудро молчат и ја гледаат својата позиција во распродажбата на новите функции.

Токму затоа и си отидоа и Шеќеринска и Царовска- гледајќи ги дворските игри во кои се распарчува пленот, нема зошто да си го губат времето, златното време во кое никој околу нив не сака да се погледне во огледалото и да ја преиспита сопствената улога во партијата и државата.

Имате таму разни сорти и егземплари- некои од нив само ги  приграбиле сопствените фотелји, на кои така цврсто се зациментирале, што станува национално предавство ако им се постави тоа прашање- а вие, дами и господа, што со вас?

Но, тоа е секогаш така, па и со случајот на Ковачевски, кој сега ќе треба да им објасни на своите сопартијци дека старата милост на Заев ги довела до целосен распад и зачетоци на трулеж. Доколку досега бил одлучен во менаџерските перформанси, ова сега пред него е сосема нова игра, со нови правила, од кои првото е- политичката игра ги јаде своите деца, без да забележат дека завршиле во утробата на подземните играчи, и тоа не се поспособните, туку само поперфидните и пофокусираните во политичките акробации.

Сега пред Ковачевски е истата шаховска табла, околу која Заев си дозволуваше да биде галантен и да ја препушти на сите околу него што го опкружуваа, давајќи им за право да се умислат и да си играат, за да го преиграат во политичките игри. Тој им даваше простор на секој да има право да ја испомеша, растури и пак да ја состави, додека гледаше отстрана крвожедна гладијаторска игра во која тој беше изеден за појадок.

Сега може да биде порелаксиран и со дистанца да гледа на сите подеми и порази, за да му ги препушти на Ковачевски лекциите- за да се стане победник, не треба да се игра со емоции, ниту пак стравување дека ќе се претворите во страдалник ако не знаете кога треба да се биде одлучен и да не се отстапува, а кога да се прават компромиси кои подоцна нема да отворат можност скапо да ги платите.

Старите кучиња тешко учат нови трикови- Заев според најавите, вон институциите ќе се опкружи со истите луѓе кои го доведоа до неговото збогување, но, тоа е негов проблем кој подоцна ќе го согледа, што може тука да се прави, тој сѐ уште се обложува дека тоа се најдобрите избраници.

Ковачевски пак, според најавите, ќе ги избере истите, само ќе ги промеша шаховските фигури, мислејќи дека може да ги претстави како исшмирглани, па премачкани со нов сјај, за никој да не забележи дека на истото се сведува. Сѐ е исто, само него го нема.