Немојте да барате одговорност за студените радијатори, за сметките за греење кои ги плаќате со децении само за неколку месеци да ги користите, не прашувајте за превисоките цени, немојте да го кренете гласот за сите понижувања, едноставно немојте да барате одговорност. Таа одамна не живее тука.
Сега не е време, никогаш не е време за одговорност. Не ја барајте од никого, полесно се владее така. Кога сте замолчени и стуткани, собрани и преплашени, тоа е најдобриот начин да не се одговори на прашањата, да не се добие одговорност, да не биде никој казнет, да се владее безгрижно вечно.
Таа, одговорноста, бара многу повеќе од чесни и совесни политичари кои загрижено ќе го слушаат гласот на граѓаните, ќе се грижат за нивните интереси, ќе се срамат ако не се исполнети. Сепак, одговорноста ве бара и вас како граѓани, таа не може никогаш без вас. Ако сте решиле да не ја барате, се изгледа побезгрижно така, не си ја нарушувајте комфорната зона, нека не ве загрижува што само така има шанси да се добие правдата- само ако повикате на одговорност.
Само ако ја кренете главата, ако разгледате околу себе колку се накотиле нз годиниве, деценииве, сите оние политички прелеани стомаци кои вие ги раните и поите, на кои им молчите и ги трпите, зтоа што никогаш не е вистинскиот момент да се побара одговотност. Особено од нив, најмногу од сите нив.
Кој ќе се тормози да се одважува и да прашува- а каде е одговорноста господа, зошто се уште се врз нашите глави сите оние важни, безброј накотени институции, сите оние надзорни, управни, централни, размавтани насекаде одбори, агенции, комисии, комитети, регулатори, чии имиња никој не им ги помни, ниту знае дека постојат, невидливо ги цицаат нашите пари. Каква иронија, тие самите не знаат дека се тука, дека се запишани, дека се заведени како наши крлежи кои целото тело одамна го затруле.
Не барајте одговорност од никого, особено затоа што само тоа вреди- ако се бара постојано и упорно, но останете вие комотни, незаинтересирани и замолчени, најдобро е секогаш така за оние кои не слушнале за одговорноста. На тоа и се надеваат.