25 минути

Страв да се каже- Македонци

Се разбира дека е во право Бојан Маричиќ кога вели дека не е наша работа да кажуваме дали има македонско малцинство. Политичарите не се тука за да ја кажуваат вистината, туку да гледаат во иднината.

Во таа магловита иднина, кога повеќе нема да бидеме тука, за наша среќа, да не сведочиме повеќе на понижувања, тогаш, во иднината, работите ќе изгледаат сосема поинакви.

Ќе останат вкоричени записи, прашливи архиви, мевливи книги и подискинати истражувања, подгорени писма и пожолтени документи, посивени белешки и весели народни приказни, жални песни и горчливи поеми, прекршени фотографии и избледени слики. И секако,  пресуди запечатени со чекан од судот во Стразбур во кои јасно ќе пишува дека имало Македонци во Бугарија. И дека тие се бореле за своите права, оние основните, да кажат на светот, ако веќе не можат на Бугарија- дека постојат. Ако не можат да и ја кажат вистината и на Македонија, исто така.

Сега мораме да имаме разбирање за Маричиќ. Стравот дека ден пред посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков може да се искомплицира е многу поголем од сите можни стравови низ историјата. Оној на македонските партизани кои се бореле против фашистичките окупатори од Бугарија секако дека бил помал од овој сега на Маричиќ.

Стравот дека ќе се загине за татковината, за правдата, за правата, најмногу, пред се за слободата- не постои, затоа што тоа е една поинаква борба. Страв дека ќе ги налутите окупаторите, ќе ги збеснете, дека ќе предизвикате терор, колења, палења, пљачкосувања, асимилација, едноставно не постои. Промена на презимето со сила на мојот татко од Секуловски- во Секулов во време на бугарската окупација, а претходно било променето во Секуловиќ, во време на српската окупација. Стравот тогаш не постоел. Морало да се бори- дали главата морала да се наведне, за полесно сабјата да помине низ неа, или да се стои исправено, да се биде пркосен, храбар и непопустлив. За да може да се извојува слобода за иднината, за нас.  За да може денес во таа слобода која од нив сме ја добиле, од луѓето кои не се плашеле да гинат за нас, денес да сме преплашени од Кирил Петков да не се разбесни, да не ни сврти грб, да не ја откаже посетата, да не го предизвикаме со ново вето.

Историјата низ целото човештво не научила дека секогаш вреди борбата за правда и за права, а вреди да се борите со сета сила да биде без тронка пролеана крв, со дипломатски, политички средства. Тогаш кога сте свесни дека мора да се прават компромиси и од двете страни, без да се понижат потомците на оние кои го давале животот за нивната слобода, за правдата и правата.

Тешко нас со нашата историја со нашите политичари, тешко нас со нашата иднина со нив. А најтешко е секогаш во сегашноста, како сега, кога постои страв да се изговори зборот Македонци во Бугарија. Само дека постојат, ништо повеќе. Никој нема да ги бара нивните права, нивните слободи на здружување, на правото да говорат на својот јазик, да ги пеат своите песни, да ги сонуваат на македонски своите копнежи. Таа борба им ја оставаме ним, и тоа е во ред, обврзани сме со Устав да не се мешаме во внатрешните работи на соседите.

Но, храброста наспроти стравот да се признае дека постојат, дека сте станале политичари благодарејќи на оние на кои не им било страв да загинат за вас и вашата иднина. И сè се сведува на крај- да загинат за вас и вашиот страв.