Најлесно е да се критикува и да се биде гневен на власта, но ако се обидете да бидете чесни патриоти, зрели развиорци на знамињата во кои се слави, а не се погребува сопствената Влада, ќе видите многу подлабоко и побистро како изгледа реалноста од друга перспектива.
Од победничката, од славеничката. Погледнете го само оној драг господин, повратник од Германија, кого го нашле многу случајно во некоја текстилна фабрика во земјава, каков успех, каков пресврт во целата мрачна реалност. Раскажува така овој мил господин пред микрофоните и пред власта, зборува со затворени очи, за сите да го доживееме моментот на космичката среќа која го облила.
Говори занесено, засветкуваат од некој агол очите во тие моменти, личат на солзи радосници, раскажува растреперено како е презадоволен, зборува и се топи од радост кога говори, просто се крши од среќа да раскаже како ќе биде презадоволен од минималната плата, која ќе стане 18.000 денари.
Ви велам, лесно е да се критикува власта, обидете се со поинаква диоптрија да ги гледате состојбите.
Да станувате избезумени рано, нерасонети како нив, во паника да барате прекрасни господини, драги лица кои биле подготвени да се вратат дури од Германија, кај што е мрачно и мрак обвива и темна м’гла земја покрива. Таму, кај што сонцето не зајдвит како тука, таму, кај што зората не греит душата, таму- не е Божева хубавина.
Благодарение на пожртвуваноста на оваа Влада, на визионерството, на беспрегорната работа, на соништата кои стануваат стварност, благодарејќи на политичката мудрост, на бесценетите непроспиени ноќи, заради нас очите не се склопени, заради нас да нè задоволат, да нè кренат во височините небесни. За кога ќе треснеме помалку да не боли.