25 минути

Ѕвездата е родена во Њу Џерси

Едно именување на затворена седница на Владата- водителка од 28 години за конзулка во Њу Џерси, предизвика невидена хистерија во јавноста.

Народ како народ, никогаш не може да биде сосема задоволен, ниту докрај исполнет, но така завршува сè, кога се нема трошка солидарност, емпатија, хуманост во себе. Нека погледне тој професионално нереализиран народ малку подлабоко, пошироко, пред сè, поинтелектуално на целата ситуација.

Колкава администрација имаме? Сто илјади, 131.183? Или можеби повеќе? Тие кутри, намачени луѓе немаат столче, ниту биро каде да работат. Се шуткаат бесцелно по ходници, низ кафеани, лутаат клатејќи се по улици или седат резигнирано дома, загледани во една точка, со години изолирани, и пред да започне пандемијата. Изгубени души на кои сме им помогнале да земаат плата, сме им го дале сето свое срце, сме им го посветиле сиот свој работен, животен век. Кога песни жалосни пееме, нив ги спомнуваме, ним им ги посветуваме.

Затоа што, а што друго би работеле овие несреќници?  За што се тие способни, квалификувани, компетентни, таа паразитска, утепана од бога армија чиј незнаен број секојдневно панично расте, што таа може да стори повеќе од она што веќе е направено и не може никогаш да се поправи?  

Токму затоа, оваа конзулка беше со право именувана од белокосите мудреци во Владата, и апсолутно неоправдано разрешена веќе следниот ден од истите тие- кои одеднаш, ненајавено, се претворија во разјарени крвопијци.

Таа стана новиот Исус, распната во жртвувањето за своето стадо, наместо да биде нивното најсилно светло кое ослепува, новиот, прекрасен свет на онаа убога армија административци. Можеше да стане нивен лидер, мисионерка како Мајка Тереза, да ја води војската административна низ истите тие патеки по кои таа проодела, по која сите тие одамна пропатувале. Затоа што, таа е само една од нивните, најнова ѕвезда која никогаш нема да ја изеде помрачината, ќе биде впишана како нивниот последен херој, број 131.184.

А можеше, навистина можеше, да стане нивна химна, нивна надеж- дека сонцето за сите понекогаш неочекувано засветува, додека на останатиот свет очекувано му се смрачува.