Нападот на Путин врз Украина ги донесе во земјава оние злокобни слики на најава за апокалипса, во која сме веќе сите заробеници. Се создава сериозна воена психоза низ продавниците за основни продукти и бензинските пумпи. Подготвени за судниот ден, како да поминало тенковско цунами и збришало сè зад себе.
Наоколу нас се сликите на свиснатите од страв луѓе, пребледени, како да гледаат духови кога се соочуваат со празните рафтови, со застрашувачките долги колони за последна капка бензин. Насекаде маршиарат бели како креч луѓе што не знаат што следи, се слуша нивното забрзано тупкање на срцето низ екраните, низ буквите во весниците.
И редици потсмевање за луѓето кои за дома по малку трупаат залихи од храна, буквално онаа неопходната, само за преживување. Она што малку можат да си го дозволат тие преплашени луѓе, кои, како се движеле низ последниве децении, така повеќе осиромашувале, се смалувале, денес веќе се чувствуваат дека ги нема. Веќе сите го знаеме одговорот зошто е тоа така. Зошто луѓето купуваат по две-три пакетчиња брашно, исто толку зејтин, макарони и по некоја конзерва, и ги полнат резервоарите на колите, во страв, во тескоба и во очај.
Сите знаеме зошто не веруваат повеќе никому дека има доволно залихи, дека ситуацијата е под контрола, не веруваат и дури и кога ги гледаат продуктите со свои очи, не веруват во ништо додека сведочат како се креваат цените на производите кои се трупаат по продавниците, како доказ дека сепак ги има, постојат.
Единствено веруваат во она од што се плашат- дека доаѓаат денови кога сè помалку ќе може да си дозволат да ги купат. Дека нема кој да има да ги заштити од военото профитерство- да се повлекуваат производи, да се ограничува потрошувачката на бензин и никој за тоа да не одговара. Инспекциите и регулаторите велат дека следуваат казни, но никој не гледа казнети. Сите кренале раце, никој нема моќ. Бесмислено делуваат сите што се надлежни. Затоа што и никој навистина не мисли дека платата што ја зема и одговорноста што ја има подразбира надлежност. Тоа во оваа земја значи само трупање на функции, привилегии и моќ. И никакви пречки, казни и санкции за моќните, затоа што сето тоа им следи исклучиво на немоќните, слабите и незаштитените.
Единствено за својот живот се надлежни оние очајни, загрижени и преплашени луѓе, кои со две-три стотина евра преживуваат, многу од нив и со далеку помалку од тоа, удирани од сите страни, напаѓани и заробени од извршители, пресуди и судски чекани, исклучени од светот, без струја, греење и доволно ќебиња, со сите изгубени битки, далеку пред да почне оваа воена психоза.
Затоа, не потсмевајте им се на оние луѓе кои во една кесичка плус брашно ја гледаат надежта. Таа им е единствената сламка за спас, и не во симболична смисла, туку навистина. Да се преживее утре, тоа е сè што имаат на ум. Ако воопшто дојде утре, зошто и денеска веќе се топи она што требаше да биде за следниот ден. Утре секогаш тешко доаѓа за овие луѓе.