Зошто функционерите упорно користат службени автомобили, а бараат штедење од граѓаните?
Последниот драматичен раст на цените на енергентите и храната значително ги влоши условите во стопанството и предизвика социјален удар врз граѓаните. „25 минути“ истражува дали Владата може да ги заштити граѓаните од растечката инфлација предизвикана од енормниот раст на нафтените деривати, но и дали со мерката за ограничување на маржите за трговците ќе се ублажи поскапувањето на храната и трошоците за живот.
Испразнети рафтови во супермаркетите и редици пред бензинските пумпи. Ова беа сликите кои ги дочекаа одлуките на Владата за ограничување на трговските маржи на прехранбените производи и намалување на маржите кај нафтените деривати.
Иако надлежните апелираа за смиреност, дел од трговците ги тргнаа прехранбените продукти од рафтовите во маркетите, а компаниите кои продаваат гориво се заканија дека ќе престанат да точат.
И покрај тоа што цените експлодираат како последица на војната во Украина, Владата на РСМ не повикува на штедење меѓу своите функционери, а повикува на штедење од граѓаните.
Прашањето кое останува неодговорено е – зошто мора да се користат службени автомобили, а во исто време се бара штедење од граѓаните?
Гости во „25 Минути“ се: Трајан Ангеловски, претседател на Сојуз на стопански комори, Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанска комора, Крешник Бектеши, министер за економија и Билјана Жикиќ, новинарка, Љубљана, Словенија.