25 минути

Зошто функционерите упорно користат службени автомобили, а бараат штедење од граѓаните?

Последниот драматичен раст на цените на енергентите и храната значително ги влоши условите во стопанството и предизвика социјален удар врз граѓаните. „25 минути“ истражува дали Владата може да ги заштити граѓаните од растечката инфлација предизвикана од енормниот раст на нафтените деривати, но и дали со мерката за ограничување на маржите за трговците ќе се ублажи поскапувањето на храната и трошоците за живот. 

Испразнети рафтови во супермаркетите и редици пред бензинските пумпи. Ова беа сликите кои ги дочекаа одлуките на Владата за ограничување на трговските маржи на прехранбените производи и намалување на маржите кај нафтените деривати. 

Иако надлежните апелираа за смиреност, дел од трговците ги тргнаа прехранбените продукти од рафтовите во маркетите, а компаниите кои продаваат гориво се заканија дека ќе престанат да точат.

И покрај тоа што цените експлодираат како последица на војната во Украина, Владата на РСМ не повикува на штедење меѓу своите функционери, а повикува на штедење од граѓаните.

Прашањето кое останува неодговорено е – зошто мора да се користат службени автомобили, а во исто време се бара штедење од граѓаните?

Гости во „25 Минути“ се: Трајан Ангеловски, претседател на Сојуз на стопански комори, Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанска комора, Крешник Бектеши, министер за економија и Билјана Жикиќ, новинарка, Љубљана, Словенија.