Да, да, спортските навивачи пред се треба да бидат здрави. Физички, да, зошто и да не, но ментално, е, ментално најмногу мора да бидат совршено здрави. Ментално подразбира само едно- да бидат засекогаш излечени од фашизам.
Видете ги оние бараби, вандали, националистички будали што се дерат во транс низ плоштадот Македонија, кога се слави и се плаче од радост дека сме ги победиле овенчаните со најважните титули, Италијаните.
Будаливе, и не би рекла- нашиве будали, туку баш- оние ничии, срамни будали, пеат и се дерат на цел глас- истата, стара фашистичка песна со истите фашистички стихови- за мртвиот, добар Шиптар, наспроти нив, живите, здрави и неарни Македонци.
И, она што е многу важно, најважно- зошто не се казнуваат овие навивачки групи? Тоа е единствениот начин во светот на спортот да се доведе во ред некаква вандалска група- се отстрануваат од трибините за извесно време, потег кој ќе ги здоболи до физичка болка, но тоа не е сè. Потоа, се пристапува на следната воспитна мерка- се казнуваат со сериозни суми, кои исто така ќе ги удрат така за да ги здоболи до корнење, за да не се сетат никогаш понатаму да помислат да промовираат фашизам.
На тоа треба да се сетат, на овие казни и санкции, најмногу оние кои од почесна ложа го гледаа натпреварот во Палермо- министерот за правда Никола Тупанчевски, вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и претседателот на Судот во Кавадарци, Лазар Нанев.
Тоа се истите тие кои ги прозва претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска- да објаснат како стигнале до Палермо, кој им ги платил авионските карти.
Тупанчевски и Фетаи неколку часа подоцна дадоа чесен одговор- дека сè е платено од нивните џебови, и тука завршува целата дрска приказна на медиумите, прастара, развлечена, колку што е и вековно новинарството. Безобразната новинарска багра поставува прашања за злоупотреба на јавни функции и инсистира на одговори.
Чесните одговори на функционерите се она што го држи едно демократско општество на сигурни нозе. За жал, тие нозе стануваат стаклени, сè додека не понудите навистина доказ- наместо чесен функционерски збор, повелете, докажете со фискални сметки.