Во оваа земја сите имаат големи соништа. Оние 7,2% кои не се попишале, станаа најголем предмет на соништа, на желби, на посакувања- сите тие да бидат наши. Наши, чистокрвни- православни Македонци, муслимани Албанци, распарчете и потоа поделете на секого како што му одговара. Нека бидат во соништата и Роми, Бугари, Власи, Турци, Срби, Бошњаци, православни, муслимани, будисти и атеисти, што и да посакате, тие можат во сето тоа да се претворат.
Да посегнете од се помалку, за да создадете идеален примерок на тие соништа.
Тескобни се овие времиња, кога ВМРО-ДПМНЕ и Левица со своите партиски команди и соништа, повикуваа на бојкот на пописот гласно или едвај чујно, ги изместија сите неизживеани фантазии. Сега, се разбира дека не го признаваат овој попис- тоа и беше целта. Да се предизвика штета, за да се измисли нова криза, таа да се продлабочува и раширува, да се комплицира и проблематизира.
Или, видете ги ДУИ- горди на огромниот процент на дијаспората, несвесни и незаинтересирани за фактот што се работи за луѓе кои побегнале од државата, кои можеби сонуваат да се вратат, но не во ваква држава. Тие луѓе- се пред сè луѓе со соништа за подобар живот, со достоинство за сопствениот живот, а потоа се Албанци, муслимани, Македонци, православни, Роми, Власи, Турци, Бугари и се што тие се чувствуваат. Најпрво како луѓе- потоа како сè останато.
Конечно и- МПЦ- и нивните пусти соништа, сите да бидеме православни од оние што се определиле како христијани, но не потенцирале дека се баш православни. Ако ги прашате и овие луѓе, и тие истото ќе ви го кажат- сакаме најпрво да се чувствуваме достоинствено, како луѓе во оваа земја, а потоа да се определуваме и делиме по религија.
На сите овие партии, цркви и џамии, тоа нивниот национален интерес- само да се биде чистокрвен, горд Македонец и православен, не е ништо друго воопшто важно. И Албанец, и Ром, и Бугарин и сè останато. Нив не ги боли ништо останато, не ги здоболува дали тоа нивно национално богатство е писмено, или можеби го чува прстот како единствен начин со отпечатокот да го даде гласот за нив на избори?
Дали пешачи со километри да дојде до школото, дали има можеби сон да се описмени? Дали сонува за еден пристоен водовод и една најелементарна канализација, за да има еден ден каде да се мие и заплакнува? Дали има пари за струја, дали воопшто има производство на струја? Дали има доволно пченка, пченица, сончогледи, зошто мора да се увезува, зошто нема ниви и обработливо земјиште, зошто замреле и ги снемало селата и земјоделството? Зошто сите отишле по подобар живот во Скопје и го натрупале и затрупале во бетон, наместо да дише, наместо да дишат чист воздух? Дали овие луѓе се виновни што бегале очајнички за да имаат достоинствен живот?
Тоа треба да биде националниот интерес на овие партии- а не да ги пребројуваат Македонците, православните, Албанците, муслиманите, Власите и Ромите, Турците и Бугарите. Овие последниве- бројката од 3504 покажува дека не се запишувале за да пејат бугарски песни, за да се колнат во бугарскиот јазик и идентитет. Не, туку и тие сакале да бидат луѓе, со достоинствен живот, никој да не им гази врз соништата, сакале само да ги живеат во други, убави земји, каде што сонцето свети за сите.
Овие луѓе можеби еден ден ќе се вратат, сите оние што побегнале од тука, со еден куфер полн со соништа. Но, ќе се вратат само тогаш- кога партиите, црквите и џамиите ќе разберат- дека овие луѓе не сакаат да се вратат само заради нив.