Не, нема никој против администрацијата да зема поголеми плати, да им бидат закачувани медали и ордени, што опстојуваат еве веќе со децении, распоредени како безглави бубашваби, просто невидливи штеточинки, вака, со голо око ако ги одмеркувате. Но, колку се поситни и попрашинкасти, толку повеќе стануваат побескорисни и повредни за презир, и до толку штетата станува сè поголема, до неверојатни размери.
Сликата е отприлика иста низ децениите, тешко променлива, со преголема цена наплаќана, но зациментирана и мумуфицирана во општествената жабокречина. Бројките се едноставни, нималку енигма-ако решите да ги изземете столбовите на општеството- учителите и медицинарите, затоа што тие не се бирократија, ви преостанува најтешката битка. Се работи за еден огромен дел на озлогласената административна маса, која треба најпрво да се преполови, еден груб, нималку безболен политички рез, за да се дојде конечно до некоја пристојна бројка на неработници.
Потоа следи онаа втора половина, а во неа влегуваат судии, обвинители и останати правосудни фигури, како и адмнистративната армија распоредена низ партиските лавиринти на скапоцената гласачка машинерија.
Спремни на готовс, во секое време со едната нога веќе на улица, ако засвири партиското свирче за протести, маршеви и штрајкови, затоа што само така добиле и работна позиција, и само така таа се задржува- да се биде вечно на услуга и во служба на партискиот работодавец. Оваа половина е на распоред за претресување до гола кожа, за да се излупат сите крлушки на дебелокошциве. Таа најпрво треба грубо и на суво да се иструга, потоа провизорно да се измазни и со дебела шмиргла да изгланца, за да се исполира на крај, пред да се стави во употреба.
Само така од неа можат да излезат партиските крлежи, закачени и распоредени низ сите пори, во најмалите атомчиња на кафкијанските канцеларии, ходници, мувливи подруми, кај што се затрупани вредните архиви, се множи, размножува и коти таа весела марширачка војска на бубашваби. Измислени само да ви го загорчуваат животот, со неработење, со потпикување на предмети по фиоки, корумпирано арамиско гнездо, опишувано низ европските извештаи низ децениите, но тешко совладливи во политичката практика. Никој нема храброст да се отараси од нив, од оние агенции, регулаторни, надзорни и управни одбори, директори, заменици нивни, помошници на замениците и вице-помошници на помошниците. Бескрајна е таа игра на зборови, која ништо не значи и никому не служи.
Ковачевски ако започна да се справува со трулежот во сопствените редови, онаа армија советници да ја доведе до едноцифрена бројка, можеби и еден ден ќе собере храброст и за покрупните ѕверки. Каков парадокс- тоа е токму онаа невидлива, интелектуално можеби празна, но во самата суштина огромна, моќна машнерија од администрација, која силата и таа моќ ја црпи само на еден начин- цицајќи ја крвта од сите нас.
Како крлежи запоседнати насекаде, со пипците распространети денес и низ улиците, бараат пари, само пари и повторно пари. Најдобриот начин да се спасиме сите ние, како и Ковачевски и неговите министри- е да се постави прашањето- дали сите овие луѓе навистина ги заработуваат тие пари, дали сите заслужуваат поголеми плати? И конечно- Ковачевски и сите негови луѓе можеби е најдобро да почнат да ги плаќаат од сопствениот џеб, или барем тоа да го замислат за момент. Тогаш сè ќе биде полесно, тогаш пак ќе се препороди државата. Пипс во нивните раце, тоа е сè што сега им треба.