25 минути

Како вели драгиот Ленин

Како вели Ленин- постојат децении кога ништо не се случува, и недели во кои се случуваат децении. Стариот, драг, добар Ленин. Наивниот ентузијаст Ленин. Тој никогаш не сретнал држави како оваа. Тој имал илузии дека историјата се забрзува само понекогаш, само во некои одредени недели, некогаш, само за да се исполнат политичките пророштва. Секако дека контекстот на вакви судбоносни настани за кои говори тој можат да бидат само ужасни страдања, како оние во Украина и на такви ужасни епизоди во историјата на една држава и целел Ленин.

Но, ако само ги одделите воените ужаси на денешна Украина од кои не се гледа излез, ќе видите и поинакви пропасти, забрзани, агонични, бескрајни. Во оваа држава секој ден е случување на децении. Така изгледаше грчкиот спор, кој само го спаси чудото на околности да се пронајдат двајца лидери во исто, вистинско  време, на различни, а тоа да бидат вистинските локации за решение. Сега Македонија повторно се наоѓа на самиот почетокот, овојпат со Бугарија.

Она што само наивните сега би помислиле- е дека деновите на децении се случуваат само заради споровите. Каква штета, ќе беше полесно, но не. Историјата на корупција, неспособноста, вредностите кои се мерат само со партиска книшка, дадоа најголем допринос- од што подоцна произлезе безизлез на луѓето кои тука живеат.

Лесно е да кажете- не штрајкувајте за поголеми плати, и онака сте неспособни, мрзеливи, обични црви кои не вредат да бидат дури нити згазени со посебна страст. Уште полесно е да барате да се замислат за светските кризи, да се загрижат за вистинската опасност од снемување храна, чиста вода, нуклерна катастрофа, наместо за сопствениот опстанок од мизерните плати.

Но, таа војска која се накотила низ деценииве, таа администрација која се навикнала да биде ранета со златни вилушки на кои сме биле сите набодени, тие луѓе не се истите за кои говориме. Тоа не се нашите учителки, наставници, лекари, матичари, поштари и полицајци.

Нека се издвојат исклучиво тие што добиле работа затоа што некоја партија им пружила шанса. Нека се издвојат и следните, што немале иднина во нивните села и ниви, па морала партијата да интервенира. Државата ги плукнала, партијата ги избришала плукањата и им ја зела раката и им го покажала патот. Парадоксот е што државата е водена од партиски луѓе- тие ве плукаат и истите, но со друго лице, во исто време ви го чистат образот како ништо да не било, како да не се работи за истата личност.

Затоа, можеби треба навистина да се замолат некои од овие вработени админстративци, наставници, лекари, поштари, полицајци. Да кажат чесно- како, на кој начин навистина биле вработени и зошто. И дали заслужуваат поголеми плати. И дали би се откажале од партиските книшки. И дали би се вратиле онаму од каде што дошле, за крај. За да имаме сите навистина еден нов почеток.