Се разбира, сите се израдувавме кога Мицкоски значајно соопшти дека неговата партија ќе го бојкотира Парламентот од 10 мај, па до бескрај веројатно. Има нешто важно да соопшти со тоа збогување, можеби, затоа што ако станува збор само за предвремени парламентарни избори, нека покажат други земји и други опозиции кои така фунцкионираат.
Конечно сфатил Мицкоски, тој и неговата партија, дека залудно си го трошат времето во Парламентот, во оваа држава. Дека оваа држава а и овој народ, овие народи, не ги заслужуваат. Време е да им завртат грб, тетрално, демонстративно да им удрат клоца на оние кои ги плаќаат- граѓаните се тоа, зарем не?
Дека биле гласани на избори токму за тоа- за конечно да се освестат дека си го губат времето во претставување на нивните гласачи во Парламентот. Дека е време да излезат на улица, онаму каде што навистина припаѓаат. Дека ова е најдобар момент да ги снема, иако она што е потребно е да докажат- што со тоа што ги има, но добро. Исто така не е докрај разјаснета нивната исконска желба да излезат од Парламентот, ниту причина е видена, ниту жар во срцето додека беа таму, но во ред.
Но, добро. Ако мислат дека ќе ги подобрат животите на сите луѓе, дури неа бидат само на оние кои гласале за нив, дека ќе направат пресврт во нечии глави, ќе светнат нечии мисли, макар нивните, тогаш добро.
Неговиот претходник, Груевски, ги повикуваше луѓето исто така на улица, да не седат со папучите дома, туку да излезат, за подоцна да се случи масакрот наречен Црниот четврток. За тоа служи Парламентот, за кршење на главите на оние кои не се нивни, а не Дом кој обично подразбира демократија на избраните претставници на народот. Оние кои треба да служат на нивните барања и интереси, исклучиво ним.
За тоа е измислен- за кога и да посакаат тие народни претставници, да може да ги снема, да ги заборават законите кои треба да стапуваат на сила, да дебатираат и да бараат подобри решенија, да се борат до последната капка пот и до последниот здив, наместо до последната капка крв- да се борат за најдобрите можни начини и патишта- да се подобри животот на оние кои ги заокружувале нивните броеви.
Но, добро, ако Мицкоски и неговите мислат дека така е најдобро, да ги снема, да исчезнат, да не ги интересира ништо, освен нивната замислена форма на демократија.
Толку многу аматеризам, а толку малку време во политиката. И уште помалку време преостанува.