25 минути

Која градоначалничка?

Никого не го интересирааат пожарникарите, со особено задоволство заклучила градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и плеснала со рацете, за да го прослави ова историско откритие. Никој нема да се сети дека  се слави и Денот на пожарникарите, мавнала со рака, кому се важни овие луѓе, никаде не гори, добога, значи не постојат.

Најдобро е да не дознае никој дека токму на овој ден се слави храброста и херојствата на пожарникарите, се доделуваат плакети. Се покануваат медиумите, затоа што тоа е единствениот начин јавноста да се слушне за овие луѓе, да се дознае за нивните заслуги, пожртвуваноста и повторно, за нивната храброста и херојство.

Но, за првпат од историјата на независна Македонија, медиумите не добија покана за овој ден, благодарејќи на нашава градоначалничка. Затоа што, така функционира нејзиниот свет. Без прес-конференции, без средби со новинарите, без брифинзи, без одговарање на прашања. Скриена во сопствената дупка од кабинет, опкружена со страв од надворешниот свет, тој ист свет кој одвојува пари токму за неа и тој ист кабинет.

Затоа што, таа решила да работи инкогнито, тајно, да биде невидлива и непостоечка, никој да не знае што всушност работи, затоа што би можело да се постави прашање и дали воопшто работи, за да се оди докрај и да се заклучи- ако нешто навистина и работи.

Но, дали размислила Арсовска , што ќе се случеше ако исто така медиумите се однесуваа на денот на нејзината победа на локалните избори? Ако не објавеа дека добила најмногу гласови, дека таа е победничка и дека граѓаните се тие што и дале чест со градоначалничката функција. Немаше да постои, тоа е одговорот.

Или, што ќе се случи ако граѓаните почнат да одбиваат да им се издвојуваат даноци за таа да може да живее од нивните пари? Логично, затоа што, ако на медиумите им се затворени сите врати на информации, ако не знаат што работи, за што ги троши парите на граѓаните, ако не се информирани за секој нејзин ден, ако не комуницираат со неа ниту новинарите, ниту граѓаните, зошто воопшто би ја плаќале?

Напроти херојството и храброста на пожарникарите, ја имате наведнатата глава на кандидаткава на ВМРО-ДПМНЕ. Наведната и згрбавена за никој да не забележи дека постои, со главата закопана длабоко во земја, во друштво со животинскиот свет, оној подземниот.

Штета ако на граѓаните не им е важно за што се трошат нивните тешко заработени пари, штета што молчат и мислат дека се уште живеат во режимот на Груевски, кога со страв и трепет се изговараше неговото име, како и името на Мијалков. Штета што и тогаш предолго време молчеа, штета што и сега продолжуваат. На нивна штета, за жал.