Институциите во Македонија промовираат неказнивост за насилството врз ЛГБТИ луѓето
Секоја година луѓето од целиот свет во месец јуни се собираат за да го прослават ЛГБТИ+ месецот со паради, протестни маршови, фестивали и настани за да шират порака за правата и достоинството на ЛГБТИ+ заедницата. Сликата во домашното општество по ова прашање наместо да биде шарена во боите на виножитото е „сива“, на моменти и црна. Стигмата, предрасудите, омразата и хомофобијата и понатаму се присутни насекаде. 25 минути истражува зошто институциите се неми и не вложуваат во заштита на ЛГБТИ+ заедницата, каков е третманот кон овие луѓе во општеството и зошто неказнивоста за говорот на омразата и насилствата кон оваа заедница се сѐ уште високи.
По повеќе од две децени активизам за ЛГБТИ+ права во нашата земја, борбата за основни човекови слободи на оваа заедницата сè уште трае. Правото на овие луѓе во општеството да бидат рамноправни изостанува. Во изминативе години, ЛГБТИ Центарот за поддршка од самото отворање доживеа десетици напади, многу други активисти и ЛГБТИ+ луѓе беа жртви на физичко и психичко насилство, а немаше соодветна реакција од надлежните институции. Луѓето кои беа нападнати во последно време се плашат да говорат пред камерите на 25 минути, стравувајќи дека одмаздата ќе биде поголема, односно дека повторно ќе бидат нападнати.
Гости во новата емисија 25 минути се Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини, Јована Јовановска-Канкурова, правен советник во ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски, директор на ЛГБТИ Центарот и од Албанија, Тирана- Амарилдо Фецањи, извршен ко-директор на ЕРА- Здружение за еднакви права на ЛГБТИ за Западен Балкан.