25 минути

Добро, што им е на овие луѓе?

Сега не е време меѓусебно да се обвинуваме, кога дебаклот со бугарскиот спор изгледа многу поголем од кога и да било. Но, како тоа се случи? Како е можно сите бугарски барања да бидат вметнати во документот за почеток на преговорите со ЕУ, а ниту едно македонско?

Бугарскиот спор, францускиот предлог, Протоколот, Преговарачката рамка, не е лична своина, ниту дедовина, ниту татковина на македонските политичари, поточно, на Ковачевски, Османи и Маричиќ, но сепак, тие заради стратегија одлучиле да кријат. Во ред, но мораат да бидат свесни дека хистеријата која се направи, за која Ковачевски обвинува- е токму резултат на тоа криење. Сите информации ги добивавме од бугарските медиуми и политичари, сеедно дали ги примавме со резерва. Од нашиот премиер- добивме само порака дека сме хистерични. Досега мораа да разберат дека сите се засегнати. И оние полу-писмените, и оние навистина неписмените, и оние најсиромашните- оние кои немаат пари, и само тоа немаат, сè друго многу повеќе имаат од нив.

И оние, овчарите, кои ги водат кучињата за да им го покажат патот на овците, и оние шумарите, кои ги чуваат планините и секое дрво го знаат напамет, по промена на боја, заносен мирис и големина на сенка. И оние кои ја запишале својата професија како најтешката- рудари, чистачи, ѓубреџии- тоа се оние секоја ноќ ни ги собираат сите јадови и срамови, тоа се сите оние без кои ние не можеме. Луѓе кои ја крепат земјата, луѓето од третата смена. Онаа шака интелигенција исто така ја засега. Тоа е народот во оваа земја. Нема друг.

Што мислеше оваа тројка Ковачевски- Османи-Маричиќ? Дека има друг народ во оваа земја? Не, тие се. Рудари, овчари, шумари, ѓубреџии, нешто малку интелигенција, но сè ви е тоа под графата- работничка класа, пролетери. Тоа е тоа мнозинство, кое тешко живее, чесно живее.

Сите овие луѓе ги засега и сакаат да знаат како тоа се договарал спорот со Бугарија, во кој на крај, победата ја однесе бугарскиот премиер во заминување, Кирил Петков, кој можеби и пак ќе се врати како победник. Како тоа се случи- целата политичка елита во Бугарија- власт, опозиција, умерени, леви и десни, на чело со претседателот Радев- да ја слават победата со сите нивни барања, впишани во францускиот предлог, а во исто време, да падне Владата на Петков, не само заради економските неуспеси, туку и националното предавство со Македонија. Ова рушење на Владата на Петков доаѓа во време кога се стравува од руското влијание во Бугарија, во ек на војната во Украина- очигледно е дека на Франција и на ЕУ им било поважно од сè да се поддржат бугарските барања, дали можеби за да се врати тој ист Петков, умерениот, про-западен, како докажан чувар на државниот, националниот интерес- со македонското прашање?

Во меѓувреме, францускиот претседател Макрон нè нарекува северно-македонци, за Османи да вели дека испратил демарш во француската амбасада, но некој час подоцна, повторно Макрон со истата задоволна насмевка, да нè нарече северно-македонци. Дали ова е некаков притисок од Франција и ЕУ? И, како се пишува тоа северно-македонци, со една голема буква, со две, со ниту една? Никој нема да дознае, затоа што таква кованица ниту постои, ниту некој ја признава.

Сè ова ќе мора да се објасни на сите граѓани на оваа земја. Затоа што Македонија е нивна земја. Затоа што тука се родиле и одбрале тука да живеат. Тука и сакаат да заминат засекогаш, тогаш кога ќе дојде време. Но, со оглед на тоа дека не дошло времето за збогување од овоземниот свет, нека повелат нашиве експертски политичари нека кажат- како изгледале тие денови на преговори, во кои потонаа.

Морам да ги разжалостам нашиве политичари, но отчетот за нивната сработена работа ја даваат на најдобрите, најважните на оваа земја, без кои таа не може да опстане- рударите, овчарите, шумарите, ѓубреџиите, неписмените, полу-писмените, нешто малку пообразованите, во целост, да им биде јасно- на работничката класа, на која политичарите ѝ служат. Сите овие луѓе ја држат оваа земја на нозе, додека политичарите ги снемува многу брзо. Затоа што, тогаш кога ќе дојде изборната пресуда од рударите, овчарите, шумарите, ѓубреџиите и она малку интелигенција, за глава се фаќаат нашиве политичари и прашуваат во хистерија: Добро, што им е на овие луѓе?