25 минути

Предлогот не е добар. Предлогот е одличен

Како сега понатаму? Тоа е единственото прашање што македонските политичари не си го поставуваат, префрлајќи го тежиштето на главата далеку од реалноста, после загрижувачката поделеност во државава, по францускиот предлог.

ВМРО-ДПМНЕ и Левица ги киднапираа првично граѓанските протести, оставајќи нималку простор за непартиска поддршка, за да се даде широко поле на насилства и инфлитрација на руското влијание. Во меѓувреме, префрлањето на протестите на меѓуетнички тензии- Македонци- Албанци, ја прошири опасноста како закана со несогледливи последици.

Како навистина после сево ова, во следните години и децении. Како ќе изгледа тој процес на преговори, кога документите- и Предлогот и Протоколот најавуваат перманентна, сигурна бугарска блокада, доколку не се исполнат сите нивни барања до едно. Потписот на тие документи од наша страна ќе биде гаранција за исполнување на тие бугарски команди, а доколку оваа или некоја идна Влада одбие да ги исполнува, преговорите можат да се одолговлекуваат до бескрај, да станат мачни и невозможни, но можат на крај и да се напуштат.

Но, секогаш постои и друга можност- некоја влада, идна, којзнае која, не велам оваа, но еден ден, можеби по децении, на сцена ќе дојде некоја сосема поинаква влада од оваа денес. Некаква преплашена и неспособна, или самоуверена и арогантна, или пак диктаторска, авторитарна, некаква сосема поинаква влада од оваа што е сега на власт. Затоа што, видете, постојат секакви политички, геостратешки, воени, и какви се не околности, кога ќе мора да се прифатат ултиматуми, затоа што ќе се биде принуден, присилен, уценет, притиснат.

Или, конечно, можеби таа некоја идна влада, слична како онаа на Груевски, ќе ги има на ум исклучиво сопствените финансиски интереси, спроведувајќи режим и терор сличен на оној на груевизмот, од кој и денес не можеме да се опоравиме. Таа влада, таквата влада со задоволство ќе спроведе се што претставува денес бугарска команда во пристапните документи. Никој не вели дека тоа ќе се случи, но во политиката мора да се биде свесен за сите можни опции, отворени можности, најлошите сценарија. Но, ваквите апокалиптични сценарија може да ги има секоја земја, дури и најдемократската, а тие не водат никаде ако со таков страв се носат одлуки.

Најдоброто сценарио е бугарската страна да се откаже од досегашиот наратив дека оваа земја и се што се смета за нејзин идентитет е вештачка творба на Коминтерната и Тито, еднаков наратив како оној на Путин за Украина. Но, постои и друга можност- сиот овој наратив на Бугарија да биде дел од преговорите преку Протоколот, затоа што Договорот со Бугарија не е доволен временски и конкретен патоказ.

Денешните европски изјави дека тоа нема да се случи не значи дека се вечни и циментирани вредности. Каква е тежината на тие гаранции ја покажува денешната предност на Бугарија во преговарачките, пристапни документи со ЕУ, иако истата таа ЕУ првично го отфрлаше билатералниот спор во преговорите.

Но, Бугарија се покажа како далеку помоќна и повешта, конечно и поспособна, во добивање на сите свои барања, без исклучок. ЕУ земјите-членки со ова не само што ги срушија вредностите, туку и отворија ново поглавје- не на вредност на проширување како заедничка- и наша и нивна- желба за демократизација на земјава, туку на стеснување на строго националистички  вредности, се додека не се цвикне вратот.

Но, да, оваа власт не ја гледа ниту сегашната, денешна слика, не ја гледа ни реалноста на едно кратко минато, од неколку недели, иако изгледа како со децении да трае овој хаос. Не гледа дека главниот проблем во самиот старт е во самата неа- критиките и обвинувањата кон неа таа сама ги произведе, тие се резултат на секој нејзин чекор, секоја нејзина изгубеност, ароганција и нетранспарентност.

Најпрво, предолго го чуваше во фиока францускиот предлог, тврдејќи дека го нема, тврдејќи дека не е готов, тврдејќи дека не е официјален, тврдејќи дека не е усогласен, тврдејќи дека не е време. Потоа, наместо веднаш да го преведе на македонски јазик, таа пред коалициските партнери го испорача на англиски јазик, а потоа и на јавноста, за по неколку дена да попушти и да го преведе, но тогаш веќе беше предоцна.

Сега кутриот Протокол е на ред, онаа временска и прецизна рамка на бугарски барања, затоа што за да се напредува во пристапните преговори, мора да се исполнат едно по едно, буква по буква, што води до бескрајно понижување и срам. Каков парадокс- „нема Протокол“ беше привичниот  хор на изјави на власта, кој траеше со денови, дури и недели, нели? Денес веќе има Протокол, но овој Документ повторно не е на увид на јавноста. Што планира власта да стори, кога да го објави овој блескав Протокол веќе не е важно- штетата е направена, шпекулациите се на точка на зовривање, бугарските медиуми се тие кои се цитираат, бугарското Собрание е новиот извор од каде што веќе го преведовме Протоколот.

Наместо да ја согледа сопствената вина, власта во сиот овој период ги обвинуваше критичарите- проминентни експерти, интелектуалната јавност и во земјава, но и светски експертски имиња- сите ѝ укажуваат на проблемите и слабостите, стапиците во кои многу лесно може да се влезе и покрај најдобрата намера. Власта за возврат ја нарече хистерична оваа експертска јавност, иронизирајќи и потсмевајќи се дека таа е далеку и од експертска, но притоа отворајќи опасен наратив- дека државата е цел на хибридни напади, од лица кои работат за трета страна и интереси, заради кои ќе следат и кривични пријави.

Тоа е за жал политиката- површноста и неспособноста да се согледаат сите состојби од вистински агол создава замаглена, лажна слика за сопствената улога и вистинскиот демократски капацитет.

Денешните политичари замислуваат дека ја имаат историската тежина на Заев и Ципрас, но патот по кој тие двајца одеа беше далеку потранспарентен, поотворен, попријателски, поелегантен. Мекоста и широчината, карактерот на Заев, но и неговото разбирање за политиката дека улогата на политичарите е да ѝ служат на јавноста преку транспарентен дијалог и дебата, допринесоа многу во резултатот.

А сè можеше поинаку. Можеше, ако сакаше власта да биде чесна, во политичка смисла, да признае дека е притисната од ЕУ во ќош, дека е немоќна и кревка пред моќните и доминантните, пред силните и супериорните, дека на маса се закануваат опасностите и последиците од украинската војна која беснее, дека економски, финансиски, енергетски, ќе биде невозможно да се преживее доколку не се прифати овој француски предлог. Дека во такви околности немаме избор, освен да го прифатиме предлогот, за жал. За да биде полесен тој чин на согласност, да се убедуваме во себе, кога ќе останеме сами, со огледалото пред себе, во пустошот кој е пред нас, да мечтаеме дека велиме: „Предлогот не е добар, не. Тој е одличен“.

Не мора гласно да каже дека ова е најдоброто што може да го испорача,  дека не успеала да ги убеди европските парнери во своите аргументи, дека лоби, дипломатската и политичката мрежа се гради со знаење, вештини и мудрост. Ова веќе го знаеме, и пред да го проговори.