Ситното бетонирање на скопскиот парк предизвика невидена хистерија од историски размери, упатена кон градоначалничката Данела Арсовска. Такви се скопјани- нежни, кревки, нечепнати души, ненавикнати на силување на сопствениот град.
Такви ги памти и стариот, добар, диктаторски расположен Груевски, такви беа во времето на масакрот, кога настапи на сцена неговата златна гарнитура и го сотре во пиколомински стил со Скопје 2014. Нашиве невини души од скопјани, само офкаа, се туфкаа, ццкаа во себе, воздивнуваа да не ги слушне некој, преплашени со полу-затворени, срамежливи очиња, вкочанети од можноста за евентуална одмазда на груевистичките одреди. Не сите се разбира, но најголемиот број сега не паметат како навистина изгледале.
Да, сепак, имаше во тие времиња, во таа долга, предолга деценија и по некој храбар, одважен и гласен архитект, но во тие времиња на дебатите на А1, се сеќавам само дека не можат да се избројат повеќе од двајца-тројца. Тогаш не минуваше брзо времето, еднакво како и сега што започна да се развлекува, со младата, амбициозна вљубеничка на бетонизација на парковите, градоначалничката која не сака да дава воопшто одговори, Данела Арсовска.
ВМРО-ДПМНЕ ви е таква партија- старите кучиња тешко учат нови трикови. Желбата да се уништи е посилна од нив, да се соѕида сè што дише, цути и буи за да овене од тага, да се внесуваат во малтерот еден по еден граѓанин, да им се испика душата во цементот, е, да, тоа е најтесната специјалност на оваа партија.
Добрата вест е што и СДСМ гори од желба да го обележи со своја трага оној Дизниленд на груевизмот, да го дошлапа кичот докрај, да го докрајчи сè додека и самиот кич не вресне и не му се изблуе од самиот себе.
Да се догради куќата на Мајка Тереза, беше првичната идеја на СДСМ, од која подоцна се огради министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска, за да се понуди еднакво ингениозна идеја да се уредувал просторот, за кој архитектите велат одамна дека треба да се урне и ништо помалку од тоа.
Ова е тоа ново, никогаш досега видено СДСМ, вљубено во груевистичките севернокорејски проекти, кое го бара својот пат во соѕвездието на политичките промашувања, којзнае колку се по ред овие години. Невино загледани со срнечките очиња во небото, замислиле дека само тоа им е граница.