Ова е земја во која никој не е навикнат на некакво, макар минимално штедење, освен оние што се сериозно принудени, втерани во ќош. Оние кои низ животот чекорат со свеќи се видени како среќници, предмет на завист се од оние кои навистина немаат можност да ги купат тие свеќи, принудени со допир да го осознаваат сопствениот дом.
Останатите се луѓето кои се навикнати на блескаво светло низ домовите, на великодушните млазеви вода низ чешмите и тушевите, луѓе кои мислат дека немаат никаква одговорност и обврска откако се дојдени на овој свет. Тоа им ја создава илузијата дека не само што живеат во совршен свет, туку и тие лично ја создале таа беспрекорност. Затоа и немаат никакви сознанија, елементарна претстава за закана од еколошка катастрофа на Планетата или од енергетски колапс.
За сите овие, Владата донесе мерки на освестување- неизбежно штедење, кое за жал разбирливо, предизвика огромен револт кај граѓаните и тоа од самата власт. Да, тие сега, за почеток фино се замолени од таа власт да се освестат, за да не дојде момент да бидат болно шокирани од мракот и сушата кои не чекаат зимава, со зли, светнати очи. Иако се дамнешна закана за која научниот свет одамна буквално не моли на колена да се освестиме, сепак, мракот и сушата се сфатени како голема, дебела лага буквално од сите- и од власта и од граѓаните подеднакво.
Првите, граѓаните, разочарани и апатични од власта, разбираат дека единствениот начин за спротивставување е да се биде бунтовен и непослушен- и онака странските кредити ќе ги плаќаат тие, и онака уште повеќе ќе потонуваат во сиромаштија.
Власта нема зошто да биде загрижена за сопственото штедење, и покрај сè. Онаа армија на паразити од администрација се нивниот влог во иднината, единствениот можен излез.
Бирократијата во оваа земја ви е гломазна, мрзелива, неефикасна, таа може биде сè, но сепак, едно не е- никако не можете да ја наречете и неспособна да ја создаде иднината. Со самата дефиниција дека станува збор за исклучиво партиска гласачка машинерија, таа е светиот грал на секоја власт, пред неа како свој клиент власта клечи на колена и во неа се крсти, затоа што од неа започнува секоја власт, но со неа и завршува, тогаш кога ќе се понуди многу подобро и повеќе од некоја друга партија.
Затоа, ако наивно ја прашате власта дали треба да дојде до намалување на администрацијата, затоа што тоа подразбира сериозна мерка на штедење, таа ќе се смее во себе и ќе ве жали. Власта тогаш ќе поразговара сама со себе, за да го запечати и тоа поглавје: „Е, драги мои, затоа сум јас тука каде што сум, затоа сте вие- онаму каде што сте- никаде, претворени во никој и ништо“.
Мерките на штедење за нашиве политичари не подразбираат мораториум, крај, збогување со нивните привилегии, со нивните шофери, автомобили, ресторани, службени картички, кои во суштина им припаѓаат на граѓаните.
Се смеат од срце политичарите така низ годиниве и на сите истражувања за корупција и злоупотреба на функциите- за очигледни криминални зделки со тендери, јавни набавки, за нетранспарентноста која е клучот за корупција, се кикотат гласно и длабоко не сожалуваат сите, особено кога ги читаме најдобрите истражувања низ деценииве на Центарот за граѓански комуникации. Се смеат на глас и се тркалаат со функционерските мевови, затоа што историјата на неказнивост за криминалот и корупцијата во оваа земја им е наклонета- никогаш не одговарале, не им се замрзнува со цел да им се заплени имотот, затоа што тоа не се ситни муватори, очајни преваранти, тие не се неспособна багра за големи криминални подвизи, затоа што се секогаш уште побогато наградувани и одликувани со нови и уште позначајни функции. Само за нив треба да се искова Орден за заслуги за уништување на Македонија.