Државниот проблем е решен- повеќе не е ставено под прашање концертот на Аца Лукас во Крива Паланка, за Денот на рударите, откако министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска одбила да го одобри финансирањето на овој уметнички великан.
Штетата на несовесната министерка за овој крунисан Моцарт на турбо-фолкот сепак е поправена, благодарејќи на врвната способност на градоначалникот на Паланка, Сашко Митовски, кој со виртуозни вештини успеал да најде великодушни спонзори, кои се повеќе и од свесни за уметничката, но национална важност на Аца Лукас.
Но, тоа е секогаш така во ваквите држави- уметноста и културата се последната ставка од буџетите, особено високата култура, моќната уметност која не може со ништо да се спореди ако не ги имате најголемите, најважните уметници во историјата на овие простори- еден Аца Лукас, инаку во медиумите попознат и како Крал на сите кралеви на кокаинот. Или пак, една Светлана Ражњатовиќ- Цеца, попозната во медиумите како Кралица на мафијата, криминалот, злосторствата, благодарејќи на нејзината колекционерска страст, тоа раскошно богатство на полициски и судски досиеја. Овие великани од уметници се производ на едно историско време кое не смее да се заборави- време на војни, злосторства, геноцид, национализам и ксенофобија, кои се глорифицирани преку нив, преку сопствената вулгарност и порнографијата, како врвен зачин на српската злосторничка кујна од 90-те години. Само така можат да се слават криминалот, корупцијата, падот и целосната ерозија на моралните вредности.
Само така турбо-фолкот можеше да ја добие својата целосна моќ, својата длабочина и важност- тоа е времето на владеењето на Слободан Милошевиќ, човекот кој е попознат како балканскиот касап, чии трагови и корени се уште се всадени во порите и на неговата земја, но и во многу од балканските, кои не можат да се ослободат од сметилиштата на историјата.
„Граѓаните уживаат во овие ѕвезди“, вели нашиов градоначалник на Крива Паланка, разочаран од тврдото одбивање на министерката. Тука му верувам целосно, тие секако дека уживаат, затоа што веруваат дека тоа е единствената вредност што може и да им се понуди во оваа држава, за да заборават за тие два-три часа се што никогаш немале, ниту се надеваат дека можеби ќе добијат. Затоа што, погледнете ги само оние жители на Арачиново, кои протестираат затоа што им е исклучена струјата, иако ги плаќале сметките, благодарејќи на другите жители, оние кои краделе струја, дивоприклучени, горди и свесни за нефункционалноста на државата.
Единственото што може да го направи власта е да испорача функционалност на државата преку полиција, која ќе ги премолува и преколнува да платат, но доколку и тогаш одбијат, да паднат на колена и да плачно да ги молат простат целосно сите долгови. Потоа, министерот за економија, Бектеши, да нареди носење на уставни измени, преку кои ќе се заколни дека никогаш повеќе нема да дозволи некој да побара плаќање на сметки- на струја, вода, данок на имот, конечно нека приложат што сакаат, се е во игра. Потпис за гаранција на ваквиот државнички потег можат да бидат само Аца Лукас и Цеца. Единствено само тие заслужуваат таква држава.