Мора да се штеди, ова е најголемата криза после Втората светска војна- остро загрме премиерот и во хор по него продолжија со апокалиптичните предупредувања и министрите задолжени за економски и финански прашања. Не, овие луѓе не бараат премногу од граѓаните, само да покажат одговорност и малку повеќе свест од вообичаеното расипништво- доста е расфрлање со тоа ваше луксузирање, тоа ваше безобразно секојдневно јадење, пиење вода и бањање. Многу ли бараме од вас, да се немало трошка граѓанска свест и совест, мајку му стара.
Што си велат меѓу себе нашиве политичари додека загрижено крикаат да се штеди: „Општопознат факт е дека Македонците и не се така бистри, тешко вклучуваат мозок. Господа драги, нема ни да забележат дека секојдневно не јадат, не пијат и не се бањаат“.
Така, одушевени од самите себе што се сетиле како ќе преживеат само тие, како последните диносауруси, прават уште поголеми и повеличенствени планови, за сопствената раскошна иднина во која само тие ќе опстојат: „За тоа време, ние ќе можеме да продолжиме да купуваме на секои две години нови коли, „во последните две беа 142 нови возила, за што граѓаните платиле 3,6 милиони евра, или пак јавни набавки за Ковид-19 со кои производите не можат лесно да се поврзат со пандемијата- станува збор за службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја“*. Значи, ние да продолжиме да распишуваме тендери во кои однапред ќе се знаат секогаш истите, среќни добитници, или „јавни набавки за Ковид со разлики во цени за исти производи, во ист временски период, што се движат и до 500%, со слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас“*. Во целата оваа несреќа, има само една среќна околност- постоењето на Министерството на политики за добро владеење, кое e платено само за да може да се гордее со ваквите показатели на штедење на функционерите.
*Последни истражувања на Центарот за граѓански комуникации