25 минути

Милите тие политички бизони

Господата наши драги, нашите мили примероци од политичари, родени со сина крв и кралски манири, договориле набавки за рестораните каде што тие јадат- морски плодови- октоподи, лигњи, школки и останати морски ѕверки.

Но, зошто да не- политичарите во оваа држава се нашиот скапоцен плод на беззаконието и бесрамноста, на нивните тела се посеани ситни и бисерни крлушки, на нивните уши се извезени дијамантски обетки, на главите им се насадени  тешки круни со кои шантраат додека одат, додека тропаат со кралски жезла за уште, многу повеќе, бескрајно уште.

Тие се нашите никогаш ненајадени бисери кои одеднаш излегуваат од затворените школки, додека лежат по рестораните и канцелариите како најстарите потомци на  Античка Грција, со полни усти храна која им тече од сите пори, горди што ги инспирираат старите сликарски мајстори.

Тие се нивните музи, насликани како недоквакани, неизживеани, мизерни мали политички и човечки џуџиња, кои не ја научија лекцијата од бизоните на груевизмот. Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска апелира да се штеди, Владата да се воздржи од трошоци без кои се може во време на криза, но таа ништо не знае, таа за ништо не е свесна. Затоа што, без овие морски плодови не се може, овие наши политичари се родени со златни лажици, нивната аристократска крв подразбира златни есцајзи, златни чинии, златна патека по која тие мора да одат додека се околу нив пропаѓа.  

Тие се вознемирени ако не сјае околу нив кавијарот за кој фантазираат, сакаат засекогаш да го заборават ајварот со кој се пораснати, пиперките и патлиџаните со кои ги доеле, додека сонувале за малку сиренце во корката лепче,

Затоа и бараат да им се градат Потемкини села кога тие самоуверено цапаат по калта во селата, градовите, кога расфрланото скопско ѓубре низ улиците на секој чекор им се потсмева и ги прашува- зошто не ја гледаат депонијата во која сите се гушиме и давиме, а за што се платени да ја снема.

Што понатаму да се каже, како понатаму да се оди, каде воопшто може да се заврши, еве кажете вие.