Знате и сами- Франција отсекогаш била сиромашна земја, многу победна и
финансиски помизерна од Македонија. За тоа се свесни и француските политичари,
низ сите институции во Париз каде имав средби оваа недела, во име на одбрана на
францускиот предлог. Затоа што, политичарите во Франција не се само
посиромашни, свесни за бедотијата на нивните граѓани и даноците кои ги плаќаат,
туку тие се и многу побезобразни кон гостите со кои имаат средби во нивните
канцеларии.
Моето искуство со француската администрација е шокантно- на ниту една средба
не бев почестена со накитени маси со икебани, лешници и бадеми, морски плодови, за кои се распишуваат тендери за десетици илјадници евра, онака како што македонските политичари знаат да ја покажат финансиската моќ на нашите граѓани. Затоа што, граѓаните се оние кои го плаќаат сиот тој луксуз со сите тие автомобили кои ги менуваат на две години, телешките кожи на нивните каучи, како достојни наследници на Груевски, како прашање на престиж, како доказ за богатството на поданиците на нивните величества, политичарите.
Француските политичари се дрска категорија луѓе. Кога ве примаат низ нивните
канцеларии и кабинети, морате да се наоружате добро со топла облека. Ова е
време на криза, велат, особено енергетска криза, мораме да бидеме пример за
нашите граѓани да знаат дека е заедничко нашето страдање. Преселете се во
кабинетите на македонските политичари- им велам, уживањето во топлите политички
одаи е бескрајно, ги претвориле во котли кои вријат, затоа што тие се кревки суштества,
нашите височества, драгите, нежни македонски политичари.
Конечно, ние како нивни поданици тоа го плаќаме, здравјето на нашите
политичари е најважно, тогаш кога се гоштеваат на наша сметка и се китат со
цвеќиња додека сосема не се закопаат во сопствената претстава за моќта и
престижот за кој замислиле дека треба да ги врати во средниот век, во
апсолутистичките столетија на монархиите. Додека овој текст го пишувам,
измрзната од сите овие денови, уживам во љубомората и зависта на француските
политички неспособни функционери, како се јадосуваат што никогаш нема да станат
височества, како македонските политичари, тие прекрасни уживатели на жртвата
која ја прават нивните поданици, подарувајќи им ги парите, се со цел да опстои
монархијата на македонските кметови.
А за да можат да веруваат во сопствената светост овие македонски политички височества, за да преживеат, мора да се хранат со потсмешливи коментари кои можете да ги добиете само кај нив, секако не во Франција, ниту пак во некоја друга, цивилизирана, демократска земја. Почитта кон
новинарите не е специјалност на македонските политичари.
Погледнете го само премиерот со каков презир се обраќа кон новинарите на последната прес конференција што се однесуваше на енергетската криза- дали тие, нивните медиуми знаеле воопшто дека има криза, дека има војна во Украина, ги прашува со омаловажување неговата светост, премиерот Ковачевски. Само на еден политичар можам да се сетам како се однесувал вака со новинарите- Груевски. Мислам дека тоа би му било доволно, како сознание како треба понатаму да комуницира со новинарите, затоа што тој презир на неговото височество Ковачевски е најдобриот пат за неговата иднина.