25 минути

Цар Борис, или тешко на земјава што не крепи

Каква е таа радост на Бугарија да се отвораат културни клубови- прво Ванчо Михајлов во Битола, вчера Цар Борис III во Охрид, за некоја недела или месец, Фердинанд I, во Богданци. Во Македонија има 3.504 Бугари. Доколку имаме среќа и го дочекаме крајот на годинава, не се сомневам дека ќе се родат 3.504 клубови на Бугарите во Македонија. Иако и тогаш нема да може да се исцрпат сите имиња, кои учествувале во злосторствата во Втората светска војна од страна на бугарскиот фашистички окупатор- мачења, стрелања, убивања на нашите херои во Македонија. Тие се бореле за слобода и ги давале своите животи, за ние денес да можеме да живееме во оваа земја, слободни.

Ова ли е благодарноста на сите херои и жртви, кога забораваме кои сме тука, во оваа земја, но и која е нашата обврска, зошто воопшто сме на овој свет. Да молчиме незаинтересирано дека се отвораат бугарски клубови на фашисти во земјава?

Да дозволуваме да се поттикнува омраза со нашите сограѓани- Бугарите во Македонија, со нашите соседи- Бугарите во Бугарија?

И да ја избришеме историјата на оваа земја по бугарски диктат, светската историја нема да може да се избрише, која се однесува на окупацијата на Бугарија на Македонија, на улогата на Цар Борис, на Ванчо Михајлов, на сите сојузници, колаборационисти, поддржувачи на нацизмот и фашизмот во Втората светска војна.

Нема да се избрише срамот, што ги дозволивме овие клубови. Што сме дозволиле споменикот на Методија Андонов- Ченто да биде се уште дивоградба. Како вели почитуваниот професор, активист, врвен интелектуалец- Владимир Милчин: „Тешко на народот и земјата во која Ченто е дивоградба, а Цар Борис III е легален“.

Тешко и е на земјава, проплакува, кога гледа кого мора да крепи.