25 минути

Знам еден човек

Знам еден човек. Нашиов човек работи во Евроконтрол, Македонец. Човекот тука не вреди ништо. Тој тука е нула, навистина никој и ништо, такви се тука правилата. Без солзи, крвава работа и пот. Слегнал со рамениците, тој тоа го знае, одамна се помирил, нормална е таа приказна, нам добро позната. Затоа и си отишол од тука, нашиов човек, нашава нула, знаете и сами, тука сме го претвориле во нула, сме го помножиле, сме го фрлиле.

Не би сакал тој да му го пишувам името, што сега ќе скориваме стари јадови, би ми кажал, остави, оди си од приказнава.

Ама, знаете и сами- никој не сака да си оди од вакви приказни. Немал тој никакви партиски книшки, ниту една, ни најмала, макар невидлива, но да боде очи, да блеска, да се шепури онаму каде што ќе сака тој. И таа, особено таа. Знаете и сами- само затоа што немал книшка, само затоа што не бил еден од синовите на вработените таму, кај нашево Воздухопловство, во таа мизерна институција, само затоа, добил отказ.

Човекот наш имал само еден пат. Да не се сврти повеќе тука, да го извади билетот во еден правец, да го затвори куферот полн со горчини и жал за земјава, тоа е секако жал за своите, ама признаваме сите- и жал е за земјава, сепак. Никого не го заболува, не го пече- за никого.

Отишол човекот наш во Брисел, веќе знаете и како одат тие чекори, некако нормално темпо добиваат. Од најситни прераснуваат во мали, за да ги достигне поголемите, за да ги заслужи најкрупните. Ги положил сите тестови, некако почнал да го мази животот, откако  не барал никој од него да почне да приложува сертификати за татковци, ниту за партии, ниту за нечесност, ниту за бесрамност.

Додека се свртиме сите, за миг, отишле и годините. Следуваат менаџерски функции во Евроконтрол, како след на сите поминати години, полни со почит, со чест и углед, како што му прилегало.

Се почна откако медиумот „Сакам да кажам“ ја објави истражувачката сторија за МНАВ дека тројца директори сакале да го поништат огласот за контролори за летање, затоа што победиле кандидати кои се деца на обични граѓани, кои не се од партиски списоци.

Проблемот е што државава е полна со деца на обични граѓани. Затоа и нашиов човек си отишол во Брисел, во Евроконтрол пред некоја деценија. Затоа што обичните граѓани го држат светот на своите плеќи. Со децении, со векови, од првиот ден, од првиот ден, откако настанал светот. Борете се да бидете обични граѓани, тоа е најдоброто што можете да му го дадете на светот.