По маршот на студентите кои протестираат за достоинствен живот, за нормални цивилизирани услови, пратениците постигнаа договор да се доделуваат 2.400 денари месечно, за оброци, но за одредени категории студенти.
Во сабота и недела студентите не јадат заради презаситеност на трпезите и во стомаците во текот на неделата, како што е познато.
За разлика од функционерите, кои се принудени да се хранат пообилно од вообичаено, од обичниот човек, затоа што повеќе трошат на интелектуални, умствени, ментални активности. Најважното- како да нудат корења на студентите, без воопшто да им биде срам.
Сосема пристојна понуда, зарем не, драги студенти? Месечно да добивате 2.400 денари, којзнае какви перспективи ви се отвораат, каква блескава иднина ви се нуди од функционерите, кои сакаат само да ве разгалат, да ве расположат. Гневните студенти со кои разговарав оваа недела на дебата на ТВ 24- Кристијан Димков и Славчо Темелковски, не просат за своите колешки и колеги, за своите другарки и другари. Тие се борат за нивната иднина, а тоа е и единствената наша иднина, само кој да им објасни на нашиве почитувани функционери со мевови кои им се прелеваат.
Што можете да направите со тие силни 2.400 денари, се прашувате драги студенти. Голема е таа чест, исклучително великодушна понуда. Најмногу што можете да постигнете, а што не е воопшто потег за потценување- да купувате само корења низ пазарите, мали, здрави коренчиња, дрско испрчени за идните реколти.
Корени како корени- што друго ви преостанува, освен да ги засадувате низ мувлосаните собички во студентските домови каде живеете. Може и да никнуваат овие корења и низ тоалетите каде се заработувале инфекции, за што говореше студентот Кристијан Димков, соопштувајќи ја јавно агонијата на младите студентки кои се заболувале од студентските тоалети. Ова е класна дискриминација, кажа Димков, барајќи одговор од функционерите- дали би дозволиле нивните деца би живееле во студентски домови.
Или да им ги засадите корењата низ кабинетите на функционерите, да ги берат плодовите, сочните плодови од нивните понудени корења. Се разбира, треба време да никнат тие плодови, потребни се месеци. Не се грижете драги студенти, тие се трпеливи функционери, можат и да не јадат дотогаш, додека не расцвета пупката, па нежниот цвет, за да се појави плодот. Знам, знам, секако дека ако изгладнат можат и да почнат да ги јадат корењата, нека се облизуваат и сладат, истите корења кои вам ви ги понудија.
Имате и подобра опција, драги студенти- едноставно, сменете ги вашите корења со службените картички на функционерите. Нека ги прават тие големите планови за идните планови во врска со грандиозните планови, за подобрување на најзапустените студентски домови. Нека живеат функционерите од нивните планови, дозволете им го тој луксуз, нека сонуваат, нека мечтаат за плановите, додека ви ги нудат корењата. Само заменете се со нив, драги студенти. Зграпчете ги нивните ингениозни планови, раширете ги низ нивните кабинети, распостелете ги низ нивните црвени килими, затрупајте ја целата Влада, сето Собрание со плановите.
Дајте им ги како субвенциониран оброк нивните планови, а во средина послужете ги со нивните корења. За да го добијат тоа што го заслужуваат.