25 минути

Народен непријател

Најубаво е да си глуп. Демократијата подразбира тивка пропаст- мнозинството да одлучува, зарем тоа не е доволно за бездна. Сите замки кои доаѓаат со владеење на мнозинството во демократијата се стара тема, тешка и мачна.

Секоја недемократска власт би сакала мнозинството да се претвори во закржлавени, отупавени граѓани, несвесни за себе, несвесни за ништо околу себе. Мечтаат така тие власти кои не се демократски, да бидат опкружени токму со такво мнозинство од закоравени, затутулени и затуцани граѓани.

Така изгледаше претставата на Ибзен, „Народен непријател“ во МНТ, попознат како Златниот театар, изграден во време на груевизмот, симбол на славењето на пропаста на една држава.. Ибзен во 1882 година, кога го напишал делото, не ни сонувал дека Никола Ристановски во улогата на народниот непријател и денеска ќе им се обраќа токму на тие, на таквите. На млади, весели студенти или средношколци, кои не слушаа, не гледаа, не допираше ништо до нив. Пред мене ги вртеа телефоните низ Тик-Ток и Инстаграм профилите, гледаа слики, видеа, слики, видеа, слики, додека не им се сврте, додека како вртелешка не им се заврти главата, додека не им зовреа мозоците, додека не станаа да си одат на сред претставата.

Мнозинството на затупени и приглупи полека го опседнува светот. Ги окупираат театрите, музеите, медиумите, ја запоседнуваат политиката. Социјалните медиуми само на прв поглед се искреирани за широка, демократска дебата. Само за да не залажат и да се прикријат, лажно да изгледаат како демократска јавна сфера. Во суштината, во самата срж, служат само за да создадат од мнозинството на светот несвесно, полу-имбецилно стадо, кое само зјапа низ телфоните, ги врти сликичките и видеата, пишува и се допишува за тривијални, банални, крајно идиотски теми. Натпревар во тоа кој како изгледа, кој што кажал на таа тема, никогаш за нешто повеќе, подобро, поголемо од тоа.

Пропаста на Народниот непријател е само привидна. Иако тој е сам против сите, знае дека е доволно само еден човек да се крене и да се бори. Знае дека може и само еден човек да го смени светот на подобро. Борбата е чесна и единствено можно решение, единствен спас и излез за да не извлече, за да не пропаднеме сите.