25 минути

Барем еднаш да видеше надолу

Актот Магнитски претставува закон усвоен од Конгресот на САД и потпишан од претседателот Барак Обама, во декември 2012 година. Намерата е да се казнат руски функционери, одговорни за смртта на рускиот даночен адвокат Сергеј Магнитски во московскиот затвор во 2009 година, како и за давање статус на постојани нормални трговски односи на Русија.

Глобалниот акт Магнитски од 2016 година ја овластува владата на САД да санкционира странски владини претставници ширум светот кои се сметаат за прекршители на човековите права, да ги замрзне нивните средства и да им забрани влез во САД. Врз таа основа беа ставени на црна листа бугарски функционери и бизнисмени, но американското предупредување не вроди со плод во Бугарија. Ова е Балкан, тука корупцијата е нашата прва татковина.

Некоја година подоцна, Америка се надева дека во Македонија слепите ќе прогледаат, немите ќе проговорат, државата ќе татни од нивниот аларм, сите дека ќе чујат, најмногу власта. За почеток, САД доби одушевување на македонските власти за најавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, за американски тим за санкции во борбата против корупција. Премиерот и министрите се натпреваруваат кој јавно ќе покаже дека е позагрижен за корупцијата, тие влегуваат во трката за избор на најзагрижениот човек на Планетава.

Димитар Ковачевски, Славица Грковска, Бујар Османи, Бојан Маричиќ. Сите се впрегнати во таа одлучна борба против корупцијата, немаат време да земат здив- кој повеќе ќе покаже колку  е позгрозен и пошокиран за царувањето на корупцијата. Во земја во која тие имаат власт.

Кога веќе поседуваат власт, тоа подразбира дека тие ги имаат сите алатки, сите инструменти, механизми, начини, моќ- да не дозволат да има корупција. Но, не- тие бесно констатираат дека има корупција, гневни и лути, борбата е тешка, граѓаните заслужуваат, вели Ковачевски. Што сториле досега во таа борба против корупцијата, го прашуваат тие исти граѓани.

Кога еднаш би седнал на фотелјата Ковачевски, само за миг. Да ја потпре главата на раката и да ги тргне завесите од кабинетот. Да го види најпрво небото, таму е сега власта, тој и сите негови луѓе. Нека го спушта погледот полека, надолу, додека сосема не тресне тој поглед. Сосема долу, најдолу, ќе ги види граѓаните. Тогаш кога ќе го здоболи тој поглед најдолу, дури тогаш ќе сфати дека тука е за да им служи на граѓаните.

Кога ќе ги види очајните што чекаат вистински, а не лажни и подметнати  цитостатици и инсулин, редиците за поевтин леб од разорената средна класа, раселените, разочараните млади луѓе, нека не ја заборава и онаа трета смена на вредни, чесни  работници без која никој од нас не може ништо да стори.

Тогаш кога ќе си го види домот. Вистинската земја му е раселена и распрскана насекаде, луѓето кои не сакаат да видат ништо повеќе од ова. Најмалку оние кои од височините ги протераа.

Лошата вест е дека вечно нема да може да нè надгледува амбасадорката Анџела Агелер, заедно со најдобриот, најобучениот американски тим. Добрата вест е дека конечно, од нас зависи- сè почнува и сè завршува само од нас.

Кога еднаш би седнал на фотелјата Ковачевски, само за миг. Да ја фати главата со двете раце и да ги погледне за почеток извештаите на Државниот ревизор, на Антикорупциската комисија, на Центарот за граѓански комуникации. Пишувани се и пред катастрофата за која говори Агелер и пред истрагите на американскиот тим.

Кога еднаш би седнал на фотелјата Ковачевски, само за миг. Можеби сè ќе беше полесно ако седнеше, ако навистина седнеше, за да ги види небесните широчини, онаму каде што е сега тој. И нешто подоцна, додека е принуден да направи пауза од височините кои го вивнуваат секој пат кога ќе се сети на нив, нешто подоцна да застане. И да види дека постои и нешто долу, како точка нему му се догледува, но неа ја има, таа точка, таму се сите останати. За нив е тој сега таму кај што е, недостижен и невидлив. Ама, ако само за миг седнеше, само еднаш да се замислеше.