25 минути

Не се опуштајте

Нема голема приказна во ова. Укината е пресудата на Сашо Мијалков, одлучи Апелациониот суд. Пресудата се однесува на масовното прислушување. Не дека не ни е драго. Затоа и мора да запамтиме засекогаш- ова се мали, неважни приказни, заборавени одамна, како никогаш да не се случиле. Можеби сме ги измислиле, исфантазирале, замислиле. Којзнае каде бил тогаш тој, дали воопшто бил, дали воопшто и се случило? Дали воопшто постои се или само сонуваме. Мала, блуткава приказна, која почеток има, но крајот не и се гледа. Не е препорачлива за читање за оние со слаб желудник.

Порталот „Сакам да кажам“ објави дека Лидија Чачева била една од петте судии, кои одлучувале за укинување на пресудата на Мијалков. На 7 декември Чачева се пензионирала. Одлуката за укинувањето на пресудата на Мијалков беше соопштена на 16 декември. Нема голема приказна во ова. Не е препорачлива за читање за оние кои се очајни да видат правда, мала светлина да им пролета пред да ги затворат очите засекогаш.

Секако дека не била во пензија кога гласала за укинување на пресудата. Ви велам, нема голема приказна во ова. Или можеби веќе била во пензија? Како и да е, нема голема приказна во ова. Не е препорачлива за читање за оние кои гледаат само тажни краеви, а се надеваат, кутрите тие, наивни, невини очиња на надеж.

Судиите Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева, Лидија Чачева- тоа се имињата кои ја укинале пресудата на Мијалков. Колку пати мора да се напише дека нема голема приказна во ова. Не е препорачлива за читање за оние кои се безнадежно изгубени души, оние кои сакаат да сонуваат смешни настани, -правда, правичност, владеење на правото, додека сите судии, обвинители, истражители, криминалци на овој свет им се смејат, гласно, со хистерични крикови им нудат рака за да им помогнат, а со другата ги втурнуваат во провалија.

Во предметот за масовно прислушување, под кодно име „Таргет Тврдина“, паднаа и пресудите на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, шефот на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, бегалците во Грција- Горан Грујевски и Никола Бошковски и уште некои, наречете ги неважни, сосема непознати, крајно анонимни. Затоа и нема приказна во ова. Кој има сега време да ги пишува сите тие букви, кога може многу да биде се кратко.

Гордана Јанкуловска потпишала да се уништи опремата на МВР, со која од 2008 година се прислушувале граѓани, бе судски наредби. Сите одамна знаеме, уште од првиот ден- дека нема приказна во ова.

За две години застарува делото на Сашо Мијалков. Ова е кратка приказна, затоа што таа не постои. Сашо Мијалков. За вас господинот Мијалков, не се опуштајте. *

*Стар твит на извесен Ник Слотер. Напишан веројатно кога Мијалков избега. Не тврдам. Не е ни важно, никогаш не ни било. Приказната мора да се скрати. Само така ќе може полесно и да се избрише. Само така нема ни да ја има.