25 минути

Ех, да имам, ко што немам

Не  е сега важно како Груевски станал најпопуларниот политичар на анкетите. Инает, разочараност, сеирџиство, резигнација, што е сега тоа битно. Пораката е таа- многу блиску сме до доаѓање на бел коњ на Груевски, повторно да зајава и да доуништи се што преостанало, се што не завршил од минатиот пат.

Никој тука не е наивен- секако дека преку Мицковски му се отвораат широките патишта на Груевски.

Тоа е вистината, никој не е тука невин, ниту наивен- заканите на ВМРО-ДПМНЕ со години траат, дека можеме да се простиме од НАТО, ЕУ, САД, соседи, пријателство, некаква конструктивна борба за државата. Зошто и Груевски тогаш не би се вратил како нивен најдобар избор, како заедничка победа. Отсекогаш прашањето е кој го има најдобриот коњ за трка, сеедно што во времето на Груевски не беше важно кој како гласа, туку кој ги брои гласовите.

Сумирано- станува збор за одличен проект на оваа партија, на кој пред една деценија се стресувавме, а денеска веќе со тивки чекори ни се притајува зад грб. Груевски сега е  вистинското лице на државата, во што многу лесно можеме да се претвориме, како со сказалка на саат да се вратиме сите со него.

Изборот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје- Данела Арсовска- таа е вистинскиот одговор каква иднина може допрва да претстои. Затоа што така изгледа иднината на државата, со белите кадрици на  коњот на кој Груевски јава и задишано се појавува, додека Мицковски го пречекува и заедно ја бакнуваат кутрата оваа земја што ги примила.

Таа иднина е онаква како што денеска изгледа Скопје под власта на Данела Арсовска- раскопана, еднонасочна, загадена, со прашина во устите и црнила во градите, тоа  е нашата иднина во колапс. Жал ми е за коњот, што би рекол Балашевиќ. Белиот коњ на Груевски. Нека ни е лесна црната земја.