25 минути

Како не им е жал

Откако почина Благојче Ивановски затоа што власта, што не подразбира дека тие се државата, не обезбедила лек за цистична фиброза, одеднаш, настана неверојатен пресврт. Одеднаш, ненадејно македонските политичари најпрво научија да го изговараат зборот цистична фиброза.

Со загрижен тон, со остар заканувачки глас, со крената глава држат без престан говори од кои самите се наежуваат, колку државата сега ќе почнела да се грижи. Сакаат да кажат тие, односно власта, затоа што државата секако не се тие. Кутрите тие со години живееле во друг свет, во друга галаксија и во сите можни универзуми, затоа простете им, дури сега дознале дека лекови мора да се снабдат, веднаш, најитно што може.

Додуша, имало некакви тешки и напорни бирократски препреки, но сега тие нема да ни ги расчленуваат во детали, да не се заморуваме ние со некакви апстрактни поими за нас неуките и полу-подучените. Спијте мирно додека тие како навиени раскажуваат ловџиски бајки, зборуваат најбрзо што можат, ги преместуваат буквите во речениците за да не им се најде самогласката ниту слогот, за да не ги разбере никој, за да изгледаат што помудро, поучено, недостижните тие.

Ме потсетуваат по малку како Ердоган. Како кули од карти им паѓаат зградите за време на земјотреси, но, внимавајте, само дел од зградите. Токму оние згради кои паѓаат се заради корумпираните општински, градски, државни власти, со кои се поминувале маркици, дозволи, технички приеми и согласности за градење и пуштање во употреба.

Не е прашањето дали им е срам на македонските политичари. Како не им е жал, тоа е вистинското, поболно прашање. Со години, веќе и децении пишуваме вести за луѓето кои живеат во оваа земја и немаат лекови за ретки болести, дијализа, канцер, како нема основни лекови, како нема основни медицински апарати, како нема, како нема, колку пати е потребно да се каже колку нема, за да слушнат и разберат.

Одлично разбираат кога станува збор за нивните набавки за автомобили, нов канцелариски мебел, нови телефони и компјутери, нови бифтеци во нивните нови мандати. Тоа се нивните победи. Тоа е се за што тие се способни. Бесрамни, неспособни.