25 минути

Апсурдниот случај на Тупанчевски Н.

Кога започна веќе реконструкцијата на Владата на Ковачевски, немаше назад. Сите важни и бесмислени министри, сите славни и анонимни заменици, мали и големи функционери се помирија со обврската да се служи на Партијата, како единствена мајка, хранителка, но и опака ликвидаторка. Црква во  која се крстат за да ги благослува за да се родат, да ги повива, пои и храни во неизмерни количини, додека не ги убие и фрли, дури не ги ни закопува достоинствено.

Таков е партискиот живот, величенствен и уништувачки, зависно од огласите на Пазар 3, што би рекол Никола Тупанчевски, довчерашен министер за правда. И се ќе беше во ред, нека ги менуваат, нека ги ставаат во барабаните, нека ги вртат како вртелешки додека на сите не ни се сврти.

Но, Тупанчевски е интересен случај сам по себе. Славен и фален од партијата СДСМ, што е реткост сама по себе, најмногу од нив, иако и не е, колку што е познато- носител на нивната драгоцена, величенствена книшка. Проблемот со него е и што без партијата, тој има некаков углед во оваа држава, колку што може да се има, зашто тука во принцип се отфрлаат најдобрите, се шиканираат најспособните, се мразат и закопуваат и живи особено највредните.

Е, да, сепак. Ќе речете- имаше тој недопустив скандал, со користење на туѓи услуги- карта и авион за гледање на фудбалски натпревар на македонската репрезентација, но тогаш партијата застана зад него и одбиваше да се прости од својот најдобар кадар. Тоа се заборави, следуваа повторно славења и ловорики за единствениот вреден во таа Влада. Му простивме и ние, знаејќи дека грешката е голема, но вредноста сепак надвладува.

Е, да. Реформи во правосудниот систем за жал не гледаме се уште, никаков ветинг, никакво преиспитување на потеклото на имотот на ниту еден судија, обвинител, адвокат, министер, функционер, ништо од тоа, вообичаена приказна. Сега не е и сосема јасно- кој тоа забранил да има радикални потези со кои конечно ќе започне се одново, ќе се преиспитуваат вистинските вредности, наместо партиските одликувања- дали некој министер, дали премиерот Ковачевски, дали Партијата, или Владата, партиите во коалицијата.

Но, вредностите, оние европски вредности во кои се колне Ковачевски и сите околу него, партиските војници, тие се оние кои ги креираат апсурдните случаи, како оној со Никола Тупанчевски. Така Ковачевски и сите околу него ги замислуваат европските вредности. Именување директори без огласи, партиите на јавна сцена се фалат како ги добиле токму оние директорски, министерски места за кои сонувале, или испреговарале како на сточен пазар, како на Пазарот 3, на кој беше ставен и Тупанчевски. И тој има доволно дух, храброст и покритие да се исмее на целата мизерна ситуација во која Ковачевски доброволно се согласи да тонеме.

И каде е сега Радмила Шеќеринска и зошто Ковачевски и од неа се откажа? И Рената Десковска која разочарано ги крена рацете и замина? И дали воопшто тој ги знае најдобрите, кои навистина и еднствено вредат да бидат дел од некаква, навистина европска влада? Да не ги набројувам, секогаш постои опасност дека некого ќе заборавам, но кога сме веќе кај жените- Маргарита Цаца- Николовска, Ана Павловска- Данева, Мирјана Најчевска, Мирјана Трајковска… Допишете имиња, ќе ги вметнам во оваа колумна. Можеби тоа е единствениот начин граѓаните сами да извршат притисок за вистинските европски вредности. За што секако дека Бугарија не ни е виновна. Затоа што Бугарија не ни забранува да градиме патишта, да ги поправаме улиците, да го чистиме ѓубрето, да станеме нормална, цивилизирана земја.

За сево ова Владата на Ковачевски не е способна. Пазар 3 е единствената работа што тврди дека знае да ја сработи, а и за тоа како што е очигледно- нема појма како се прави.