25 минути

Орден со златни краци за инженерот на боледување

„Политиката е како дискотека. Една ноќ со ѓаволот. Мислиме дека сме господари, но не контролираме ништо“ (од филмот „Пацификација“)

Слави премиерот Ковачевски после две недели, откако беше нападнат Фодот за здравство од хакери, откако беше се блокирано- не само плати и надокнади, тие се најмалиот проблем, туку и боледувања. Премиерот Ковачевски ќе го предложел за државен орден главниот инженер, кој го кренал системот, но сега бил сега на боледување, страдалникот- од исцрпеност.

Не, добро прочитавте. Нема да биде овој човек казнет со некоја симболична сума барем, нема да даде тој оставка, нема ни да му биде побарана, нема да биде суспендиран, не, ништо од тоа. Господинот што требал да го спречи нападот, со тоа што навреме ќе го заштити системот, со тоа што нема да дозволи хакерски напад врз сериозна државна  институција, да, тој пресветол господин сега ќе биде прогласен за светец. Сега знам, ќе речете- а има несериозни институции, ако оваа ФЗОМ ја прогласив за сериозна? Во право сте, нема, секако дека оваа е последната што може да се нарече за сериозна. Ова е најаматерската, најдилетантската институција, сепак, од која кренале раце сите што работат таму. Но, не и Ковачевски, ве молам.  

Светецов наш значи, инженеров- ако не можел да го спречи нападот, барем да се обидел да го ублажи, добро, ако не можел да го ублажи, барем да ја намалел штетата на време, во ред, ако не можел да ја намали штетата, тогаш барем да излезеше јавно и да соопштеше дека е невозможно сето ова, затоа што светот е во хибридна војна, светот е несигурно место одамна, светот отиде по ѓаволите, има поспособни од него, од Ковачевски, од сите нас, за жал, но сето тоа е така.

Но, не. Орден, него ќе му доделувал Ковачевски.  Орден за заслуги на народ веројатно, ќе му се леат бронзени, а зошто не и златни бисти, ќе го учат идните генерации во учебниците, ќе го добие името на мојата улица Руѓер Бошковиќ, ќе ја избришеме соседната- Никола Тесла и сите улици во моето маало, сите училишта, сите институти, академии, Шведска, Осло, Нобелова награда-  ќе го добијат името на нашиов незнаен јунак.

Не  е важно дали инженеров со орден работи во Фондот или не. На истиот тој инженер со месеци му се случуваат бомби- еднакво хакерски напади, кои прават вистински хаос во државава. Никој не е против инженерот, најмалку јас, да бидеме сосема на чисто. Конечно, инженерот не излезе да бара орден за заслуги со златни краци, ниту пак спомена слава, пари, моќ, знање, незнаење, срам, грижа, загриженост. Ако некој се расфрла со ордените за генијалност, тоа е нашиов премиер. Можеби се надева дека на крај на мандатот ќе ги добие сите почести и ордени- а за што- слободно нека соопшти на време, никој не се сомнева дека сам ќе си ги врачи. Затоа што не гледам кој друг би можел, колку и да сака, колку и да посакува.